Балкан
10. July 2020 - 14:53

Од вторник за влез во Грција преку Промахонас задолжителен е негативен тест за Ковид -19

Од вторник наутро сите оние кои влегуваат во Грција преку граничниот премин Промахонас (Кулата), а се државјани на земјите за кои е дозволен влез кај јужниот сосед, задолжително е да имаат негативен тест за Ковид-19, направен 72 часа пред патувањето, е една од одлуките, односно една од додатните мерки донесени на состанокот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со надлежните министри, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас ги соопшти трите одлуките од состанокот, кои се однесуваат, како на посетителите така и на внатрешноста на земјата, каде што до недела ќе се спроведат над 300 контроли за почитување на здравствените протоколи.

-Оние кои влегуваат, од неесенцијални причини од граничниот премин Промахонас, од 6 часот наутро во вторник 14 јули 2020 година, обврзани се да покажат негативен резултат на молекуларен тест (PCR) за коронавирусот што ќе биде направен до 72 часа пред нивниот влез во Грција. Второ, обврската за пополнување на „Passenger Locator Form (PLF)“ и понатаму е во сила, минималното време за пополнување пред пристигнувањето во Грција се ограничува на 24, од 48 часа како што беше претходно, соопшти Пецас.

Третата мерка на грчката Влада се однесува на контролите во внатрешноста на земјата за почитување на здравствените протоколи, односно десетици инспекциски единици од Националната служба за транспарентност, од Генералниот секретаријат за трговија и заштита на потрошувачи, како и од грчката полицијата, како што соопшти Пецас, до недела, ќе спроведат над 300 контроли во целата земја.

На состанокот во премиерската палата, свикан од грчкиот премиер за текот на оперативниот план за контроли на влезните точки во Грција присуствувале министрите за цивилна заштита, за одбрана, за здравство и за поморство, државниот министер, замениците- министри за цивилна заштита и за здравство, замениците- министри под премиерот, генералните секретари од неколку Министерства, претседателот на Националната организација за јавно здравје, началниците на Крајбрежната служба и Генералштабот на армијата, како и професорот епидемиолог надлежен за Ковид-19.

Мицотакис на состанокот истакнал дека „не е дозволено никакво опуштање“, додека пак професорот епидемиолог Сотирис Циодрас кој е надлежен за Ковид-19 во Министерството за здравство на Грција изразил загриженост за здравствената ситуација на Балканот.