Македонија
2. December 2016 - 14:42

Одбележан Меѓународниот ден на лица со попреченост

Изградба на инклузивно општество, обезбедување право на образование, работа и пристапност до институциите, и вклучување на лицата со инвалидност во сите сфери на општествениот живот, треба да бидат приоритети на сите општествени чинители, е пораката што денеска беше упатена на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност 3 Декември на Филозофскиот факултет во Скопје.

- Правото на работа е едно од фундаменталните права кое произлегува од Универзалната декларација за човековите права. Обезбедување пристојна работа за овие лица ќе им овозможи да излезат од кругот на сиромаштијата, стабилен приход, вклучување во општеството, можност да стекнат пријателства и да обезбедат социјална интеракција, а ќе им овозможи да бидат третирани како лица со свои права, вредности, потенцијали и способности, а не само како бројка или инструмент на економијата, истакна на одбележувањето министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски.

Таа додаде дека Република Македонија е потписник на најважните меѓународни документи кога станува збор за вработување на социјално исклучени лица, и оти Уставот јасно укажува дека државата се грижи за социјалната сигурност и социјалната заштита, и гарантира дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Заради остварување на сите заложби и обврски согласно меѓународните документи, Ременски потенцира дека Министерството за труд и социјална политика во наредниот период ќе се залага за плурализација на социјалната заштита и обезбедување повеќе средства за поддршка на обезбедувачите на услуги, за продолжување на процесот на децентрализација на социјалната заштита, зголемување на износите за алтернативните форми на згрижување, како и за воведување задолжително психо-социјална поддршка и рехабилитација на ранливите групи на граѓани пред влезот на пазарот на трудот.

Ќе се залагаме, додаде таа, и за промена на регулативите за вработување на лицата со инвалидност, на промоција на социјалната економија, како и на подобро организирање на работата во установите на социјалната заштита и реформа на структурата на центрите за социјална работа.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски истакна дека најмалку што може да се направи е на овие лица да им се овозможи образование без оглед на, како што рече, нивните физички, интелектуални и социјални карактеристики.

- Треба да им подадеме рака, да го прифатиме нивниот индивидуален потенцијал и да им ја зајакнеме нивната самодоверба и да им помогнеме комплетно да се интегрираат во општеството. Создавањето на општество во кое ќе се почитуваат сите човекови права на лицата со инвалидност, давањето помош и поддршка и обезбедување нивна потполна интеграција и исти права, како и лицата без инвалидност, е основа на секое хумано и демократско општество, истакна Јанкуловски.

Тој потенцира дека се претпоставува оти околу 10 проценти од населението во Македонија или околу 200.000 лица се соочуваат со некаков вид попреченост.

Деканот на Филозофскиот факултет во Скопје Горан Ајдински смета дека за остварување на првата на лицата со попреченост не треба да се говори само на одбележувањето на овој Меѓународен ден. Работата на тоа, рече, треба да е секојдневна и секој од нас да го даде својот максимум за животот на овие лица да стане подобар.