Македонија
23. February 2023 - 9:42

Одбележана 149-годишнината од раѓањето на војводата Чакаларов

Здруженијата на Македонците по потекло до Егејскиот дел на Македонија денеска во Порта Македонија и пред споменикот на Васил Чакаларов ја одбележаа 149-годишнината од раѓањето на костурскиот војвода. Денеска, на 22 февруари 2023 година се навршуваат 149 години од раѓањето на Чакаларов, а на 9 јули годинавасе навршуваат 110 години од неговото загинување.

Делото на Чакаларов е значаен дел од македонската борба за слобода.

За ликот и делото на Васил Чакаларов зборуваше професорот Никола Жежов.

„Денес Македонија се сеќава на Чакаларов, ги слави неговите идеали, неговата борба и неговите дела. За Чакаларов треба да се зборува, да се пишува, костурскиот војвода треба да биде наш пример за жртвата на еден македонски револуционер кон идеалот за слободата на Македонија. Но и младите македонски генерации треба барем за момент да го заборават современиот начин на живот, да ги остават на страна современите технолошки апарати и да се запрашаат кој е овој Македонец, така одважно качен на коњ и гордо исправен, спремен за борба во центарот на Скопје и зошто заслужил споменично обележје во срцето на македонската метропола? Така и тие ќе учествуваат во надградбата на колективната меморија на македонскиот народ која некој денес толку силно сака да ја избрише и да ја претстави како непотребна и излишна. Само така ќе ја зачуваме македонската историја од посегањата на балканските држави кои сакаат да ја избришат и нејзините текови да ги насочат кон нивните истории кои не  негираат нас Македонците како рамноправен и посебен народ на светската карта на народите. Со таква критична мисла и со многу читање на македонски монографии и од страна на новите македонски генерации, ќе го зачуваме од заборавот и Чакаларов и сите македонски револуционери кои ги положиле животите за денешната слободна и независна Македонија. Македонци и сите националности што живеат во Македонија, да се спротивставиме заеднички на ова негирање на македонската историја и обидите за асимилација и денационализација на македонскиот народ. Ако грчките андарти пред 110 години извикувале: „Го нема Чакаларов, ја нема Македонија“, денес ние да им се спротивставиме на сите непријатели на македонската кауза со паролата: „Жив е идеалот на Чакаларов, Македонија е вечна“, рече во своето обраќање професорот Жежов од Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје.

На свеченоста во Порта Македонија присуствуваа и претставници на МПЦ, претставници на политички партии, градоначалници на општини и членови на здруженија и организации.

Пред споменикот на Чакаларов во центарот на Скопје беа положени и свежи цвеќиња.