Македонија
19. November 2016 - 13:59

Одбележана 72-годишнината од ослободувањето на Тетово

 
Со свеченост пред споменикот на револуцијата во центарот на Тетово претставници на повеќе здруженија, политички партии и граѓани ја одбележаа 72-годишнината од ослободувањето на Тетово во Втората Светска војна.
 
Чествувањето започна со интонирање на македонската химна и едноминутно молчење во чест и слава на сите загинати борци за слободата на Македонија. Активностите беа во организација на општинската организација на Сојузот на борци - Тетово.
 
Ослободувањето на Тетово се поклопува со завршните воени операции на НОВ на Македонија за конечно ослободување на нејзиниот вардарски дел.
 
- Пред 72 години германските сили како свои сојузници на кои се потпирааат и со кои го обезбедуваа своето повлекување од Грција кон север им останаа само балистичките профашистички организации. Борбите за ослободување на Тетово беа започнати во околината на Скопје за борбени дејства да има и од правец на Кичево и Гостивар кон Тетово. На 19-ти Ноември 1944 единиците на македонската војска влегоа во Тетово без да им се пружи некаков отпора со кој чин дојде до конечното ослободување на вардарскиот дел на Македонија и со што се покажа оправдано водењето на Народноослободителната војна и дадените жртви меѓу кои се 360 жители на тетовско од сите националности заедно со народните херои Тодор Ципоски Мерџан и Ѓоце Стојчески Амбарче, рече во својот говор пред присутните претстедателот на Сојузот на борци од Тетово, Стојан Петрушевски.
 
За Петрушевски според придонесот што го дале партизаните заслужуваат многу поголемо внимание од денешниот собир.
 
- Со осамостојувањето на Македонија и воведувањето на повеќепартискиот систем, а особено со децентрализацијата на власта за одбележување на значајни настани и личности од историјата на Тетово и тетовско, единствено се грижи Сојузот на борци од градот. Меѓутоа за организирање на прослави по повод вакви и слични празници законска и морална обрвска има општината со своите органи и тела. Да се надеваме дека во следниот период градоначалникот и Советот на општината ќе ја преземат улогата тие да бидат носители на овие одбележувања, рече Петрушевски.
 
Во рамките на одбележувањето букети цвеќе на Споменикот на револуцијата положија бројни делегации.