Македонија
30. May 2019 - 8:48

Одбележување на Светскиот ден на мултипла склероза

Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза и Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија денеска ќе се вклучат во одбележување на Светскиот ден на мултиплата склероза.

Мотото на годинашното одбележување на Светскиот ден е „Мојата невидлива МС“. Целта, како што наведуваат од Здружението за поддршка на лицата со мултипла склероза, е да ја подигнат свеста за невидливите симптоми на МС и нивното негативно влијание врз квалитетот на живот на лицата кои се соочуваат со оваа болест.

– Кампањата ќе ги поттикне сите погодени од МС да ги споделат нивните невидливи МС симптоми и да пренесат што би сакале другите да знаат и разберат за „болеста со 1000 лица“, сé со цел да ги предизвикаат општите заблуди и да им помогнат на луѓето да размислат како да им понудат соодветна поддршка. На тој начин општата јавност ќе се запознае со големиот број на исцрпувачки симптоми со кои секојдневно се соочуваат лицата со МС, а општата јавност не ги гледа, соопштуваат од Здружението.

На настанот, што ќе се одржи во ЕУ инфо центарот ќе се обратат министерот за здравство Венко Филипче, претседателката на Националното здружение за МС, Ана Карајанова Димитрушева, директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев и Иван Барбов – директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје.

Од Здружението информираат дека во чест на одбележувањето на Светскиот ден, во вечерните часови во портокалова боја ќе бидат осветлени и објектите на Владата на Република Северна Македонија и Археолошкиот музеј во Скопје.

Здружението Мобилност Македонија, Светскиот ден на лицата заболени од мултипла склероза ќе го одбележи на плоштадот „Македонија“ каде членовите на Здружението ќе промовираат кампања за подигање на јавната свест за мултипла склероза, за невидливите симптоми на оваа болест, кои имаат големо влијание во секојдневниот живот на лицата заболени од мултипла склероза.