Македонија
15. September 2015 - 9:03

Одбележување на Светскиот ден за подигањето на свесноста за растот

Под мотото „Децата имаат кратко време да растат, а цел живот да живеат со резултатите“, Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – Раст денеска по втор пат пат ќе се придружи на глобалните активности за одбележување на Светскиот ден за подигањето на свесноста за растот.

На одбележувањето ќе се обратат претставници на Здружението и на институции кои се директно вклучени во системот на грижата за децата со нарушувања на растот од различни аспекти.

На плоштадот „Македонија“ ќе биде организирано бесплатно мерење на висината и тежината на сите деца кои ќе имаат желба да проверат дали нивната висина е соодветна за возраста. Мерењето ќе се одвива во периодот од 10:30 до 15:00 часот и ќе бидат реализирани од страна на медицинските екипи на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле. Медицинскиот тим на лице место ќе ги советува дечињата и родителите.

Во Македонија има 100 деца со нарушувања на растот кои се во моментов на терапија целосно покриена од страна на државата. Сепак, постои група на деца кои сеуште не добиле можност да започнат со терапијата. Тие очекуваат кога ќе се ослободи место од постоечките деца на терапија да го започнат своето лекување. Максимални резултати од лекувањето се постигнуваат кога дијагнозата ќе се постави навремено и кога соодветно ќе се започне со неопходната терапија.

На интернационално ниво, навременото препознавање на нарушувањата на растот е сериозен проблем и децата многу доцна добиваат можност да бидат лекувани. Поради овие причини минатата година на Годишното редовно собрание на ИЦОСЕП - Интернационалната коалиција на организации за поддршка  на пациенти со ендокрини заболувања во Цирих , е донесена одлука 15-ти Септември да се прогласи за Интернационален ден на растот.

Одбележувањето на Вториот Светски ден за подигнување на свесноста за растот е поддржан и од страна на Фондот за здравствено осигурување на РМ, Министерството за труд и социјална политика на РМ, Универзитетската клиника за детски болсти-Скопје, Здравствениот дом Скопје на Скопје и Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле – Скопје.