Македонија
7. April 2021 - 19:43

Одговорноста за смртта на овчарот од кратовско ќе се утврдува по одговорите од надлежните министерства

Центарот за управување со кризи не одрекува вина за случајот во кој почина 63 годишниот Златко Божинов од кратовско, но одговорност ќе се бара и во три други институции. Министерствата за здравство, за внатрешни работи и за локална самоуправа ќе треба да одговорат на повеќе прашања од ЦУК, по што би се лоцирале пропустите за човечката драма со трагичен крај.

Божинов пет часа беше носен на раце по непристапен планински терен за да добие медицинска помош, а настанот го истражува посебно формирана Комисија од ЦУК.

Првичните резултати покажале неколку пропусти.

“Од страна на Комисијата е констатирана дека од оперативецот од Кратово не е побарано хеликоптер и не е известена ДЗС. Тоа е кршење на стандардните оперативни процедури и за истото ќе има дисциплинска постапка. Од хиерархиски надредените како директор на ЦУК не сум известентен и доколку знаев за овој настан сигурно ќе побарав да биде вклучен хеликоптер”.

Ангелов открива и дека кратовската полиција понудила неколку полицајци кои би помогнале во извлекувањето на завеаното и болно лице, но тие биле одбиени.

Стојанче Ангелов засега останува на функцијата директор на ЦУК до нејзиното реформирање и не размислува за оставка бидејќи тоа, како што рече, во овој момент би било еден вид на дезертерство.

За целиот случај околу спасувачката мисија во кратовско постои институционално префрлување на вината. Претседателот Пендаровски го нарече поразителен и трагичен за државата, а одговорност и итно расчистување на случајот побара и Хелсиншкиот комитет.