Бизнис
10. November 2015 - 17:25

Одложена примената на одредби од Законот за безбедност на храна

На предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство, Владата на Република Македонија го усвои барањето за одложување на примената на одредбите од Законот за безбедност на храна и Правилникот за информации поврзани со храната и истите се во собраниска процедура, соопшти денеска Стопанската комора на Македонија.

- Донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна („Службен весник на РМ“ бр. 72 од 5.5.2015 година) и Правилникот за информации поврзани со храната („Службен весник на РМ“ бр. 160 од 3.9.2015 година), условија компаниите од оваа дејност да не можат навремено да ги исполнат одредбите од истите, поради краткиот временски период за подготовка на нова амбалажа со соодветно декларирање на производите од една страна, како и огромните залихи на амбалажа од друга страна, што претставуваше сериозно финансиско оптоварување за домашните производители, се наведува во соопштението.

По одржаните работилници во Стопанската комора на Македонија организирани со Агенцијата за храна и ветеринарство на кои учествуваа голем број оператори со храна - претставници од домашната прехранбена индустрија, а и на други реализирани состаноци со разни групи на оператори со храна, како што се наведува во соопштението, било констатирано дека истите се соочуваат со повеќе проблеми во врска новите правила и навремената имплементација на новите законски одредби.

- Поради тоа, Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при Стопанската комора на Македонија иницираше одложување на примената на одредбите од Законот за безбедност на храна кои се однесуваат на информации поврзани со храната за 6 (шест) месеци, односно, истите наместо од 13.11.2015 година, да се применуваат од 13.5.2016 година, се посочува во соопштението Стопанската комора на Македонија.

При согледување на проблемите во директна комуникација, Агенцијата за храна и ветеринарство излезе во пресрет на барањата на Стопанската комора на Македонија и стопанствениците - операторите со храна, со цел, како што се вели во соопштението, истите да не трпат финансиски загуби поради неможноста да ги потрошат сите материјали за пакување до претходно утврдениот законски рок - до 13.11.2015 година, како и поради залихите во магацините од неискористени материјали за пакување и поради проблемот со доцнењето на нарачаните материјали за пакување по новите правила.