Македонија
8. April 2024 - 19:41

Околу 10.000 деца во државата се нецелосно вакцинирани со ДиТеПер

Над 6 000 деца во Скопје и околу 3.500 во градовите низ внатрешноста се уште се водат како пропуштени и нецелосно имунизирани со ДиТеПер вакцини. Најголем број од нив доцнат со примање на првата ревакцина, покажува последниот извештај на Институтот за јавно здравје.

И додека родителите пролонгираат, бројките на заболени со голема кашлица растат. Скопскиот центар за јавно здравје денеска регистрирал 7 нови случаи, а новозаболени има и во Битола, Тетово, Гостивар и Гевгелија.

Од  399 регистрирани со пертусис, 141 биле комплетно вакцинирани и во просек од последната вакцината поминале 10 години.

Во услови на епидемија на голема кашлица во Скопје и Куманово, лекарите стравуваат и од појава на морбили поради нискиот опфат со МРП.

-Има многу што ја имаат пропуштено МРП вакцината и од февруари кога беше прогласена епидемија на голема кашлица, утврдивме дека многу доцнат и со вакцината за морбили и чекавме после месец, месец и пол, меѓутоа нема интерес, вели д-р Сања Цилевска Младеновска, пункт за имунизација во поликлиника Букурешт.

Морбили има во Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и епидемиолозите стравуваат дека периодот на празници кој доаѓа може да биде опасност од ширење на заразата и во нашата земја.