„Опен-АИ“ ќе потроши 50 милијарди долари за компјутерска моќ во 2026 година

Развивачот на „Чет-ГПТ“, „Опен-АИ (OpenAI)“, се очекува да потроши околу 50 милијарди долари оваа година за развој на компјутерската моќност, според соосновачот и претседател на оваа американска компанија за вештачка интелигенција – ВИ, Грег Брокман. Тој, всушност, ја откри таа бројка во своето сведочење во тужбата поднесена од технолошкиот милијардер Илон Маск, кој е исто така, соосновач на „Опен-АИ“.
Имено, Маск тврди дека Брокман и шефот на „Опен-АИ“, Сем Алтман, „ја префрлиле организацијата од нејзината првична непрофитна мисија кон модел ориентиран кон профит, ефикасно крадејќи добротворен ентитет“, по што „Опен-АИ“ ги отфрли обвинувањата. Претходно неоткриената проценка на трошоците го истакнува обемот на инвестиции потребни за изградба и управување со системи за ВИ, дури и кога технологијата е во рана фаза. „Опен-АИ“, исто така, ги истакна плановите за инвестирање на повеќе од трилион долари во инфраструктура за вештачка интелигенција наредниве години.
„Опен-АИ“ е основана за да ја унапреди ВИ „во корист на целото човештво“, велат оттаму. Маск, пак, тврди дека под водство на Алтман и Брокман, поголемиот дел од вредноста на компанијата сега е во нејзиниот профитен огранок. Компанијата возвраќа дека контролата останува кај неговото непрофитно јадро и вели дека создавањето комерцијален субјект било неопходно за финансирање на влоговите вредни повеќе милијарди долари.
За време на вкрстеното испрашување, адвокатот на Маск го обвини Брокман за алчност, цитирајќи запис од дневникот во којшто тој, според тужителот, „изгледа како да размислувал за градење богатство“ од милијарди долари. Брокман, од друга страна, рече дека Маск барал контрола врз профитниот огранок на „Опен-АИ“, дека наводнно, му требале 80 милијарди долари за да ги финансира плановите за град на Марс.
„Чет-ГПТ“ – четботот што помогна во предизвикувањето на сегашниот бум на вештачката интелигенција пред неколку години, оттогаш се соочува со зголемена конкуренција од компании како што се „Антропик“ и „Гугл“. Маск е, исто така, конкурент во секторот преку неговиот потфат за вештачка интелигенција – проектот наречен „Икс-АИ (xAI).
МИА
Ново на Сител
-

Цените на нафтата пораснаа по изјавата на Трамп дека Кина ќе купува американска нафта
-

Нетанјаху: Ерусалим засекогаш ќе остане под контрола на Израел, Иран никогаш послаб
-

Во Собранието настан посветен на животот и делото на претседателот Борис Трајковски
-

Делови од Автокоманда, Влае, Кисела Вода и Трубарево денеска без вода
-

Трамп и Шји се договориле Кина да не испраќа воена опрема во Иран
-

Бројот на загинати во рускиот напад врз Киев се искачи на 21 лице
-

Оперативец на ЦИА сведочеше во Сенатот: Фаучи ги замајуваше разузнавачите за да не се открие вистината за Ковид 19
-

Облачно со сончеви периоди, наместа пороен дожд и ветер
