Свет
29. December 2015 - 9:28

Опколени сириски бунтовници и провладини борци евакуирани во Либан и Турција

Неколку стотици вооружени лица и одреден број цивили, кои беа под опсада на противничките сили на три различни локации во Сирија, беа евакуирани во Либан и Турција,  врз основа на договор постигнат со посредство на ОН.

Автобуси и амбулантни возила префрлија 120 сунитски бунтовници од сириското село Забадани, што се наоѓа крај либанската граница, на територијата на Либан.

Во исто време, околу 300 вооружени борци и цивили од две шиитски села во северниот дел на Сирија беа префрлени во Турција.

Селото Забадани беше опколено од владините вооружени формации, додека сунитски бунтовници повеќе месеци ги држеа под опсада двете шиитски села Кефраја и Фуа.

Според договорот, сите евакуирани од Забадани ќе бидат префрлени од Либан во Турција, а сите оние кои вчера беа префрлени на турска територија од таму ќе бидат пренесени во Либан, од каде ќе се вратат во Сирија на територијата што е под контрола на властите во Дамаск.

Во текот на вчерашниот ден, што беше означен како знак дека и покрај се би можело да се оствари дијалог меѓу бунтовниците и актуелната власт, се счучија и два терористички напади на бомбаши-самоубијци, во кои беа убиени најмалку 12 лица, а други 90 беа повредени.

Едниот напад се случи во центарот на градот Хомс, а другиот во непосредна близина на Захра, населена со припадници на шиитската секта алавити, на која и припаѓа и актуелниот сириски претседател Башар ал Асад.