Македонија
25. March 2020 - 16:59

Опозицијата и денеска ја критикува власта за расипничко однесување за време на пандемија

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта потрошила 8 милиони денари за четири дена, од 17-ти до 20 март, за патувања, презентации и храна во време на пандемија и додека предлага кратење на платите на администрацијата на ниво на минимална плата како мерка за справување на економските последици од корона вирусот.

,,Функционерите на власта изеле и испиле над 3 милиони денари во време кога ни се случува најголемата здравствена и економска криза. Или ако сакате по денови, 467 илјади денари на 17-ти март, 710 илјади денари на 18-ти март, еден милион и 440 илјади денари на 19-ти март и 459 илјади денари на 20-ти март. Дополнително не се штедело ниту на трошоци на патувања во земјава и странство. Па така има потрошени вкупно 5 милиони 955 илјади 834 денари  или 96.843 евра за патни трошоци, сместувања, хранарина и дневници.  Речиси 97 илјади евра!''

Најголемиот дел од трошоците, според податоците на ВМРО-ДПМНЕ биле направени за патувања во странство што се реализирале во време кога постои забрана за патувања надвор од државата.

,,Во ова предничат неколку ресори како на пример министерството за надворешни работи на Никола Димитров со 1.457.517 денари и министерството за одбрана на Радмила Шекеринска со 1.042.398 денари. Бидејќи Шекеринска кажа дека не потрошила ниту денар преку министерството, ја повикуваме јавно како и нејзиниот колега Димитров да ги објават јавно сите плаќања од министерствата со кои тие раководат.''

ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку дена бара пратениците, премиерот, министерите, замениците министри, директорите и сите владини функцнери да работата пробоно, но и да се откажат од привилегиите. Парите од овие основи да се пренаменат за справуваше на штета од коронавирусот.