Опозицијата се уште зборува за предвремени избори
Социјалдемократите и интегративците се уште зборуваат за предвремени избори иако ниту едните ниту другите во паламентот не поднесуваат барање за распуштање на Собранието. И покрај ова, изборите како решение за побрза евроинтеграција Ахмети ги понудил дури и на средбата со евроамбасадорот Рокас.
„Политичкиот дијалог во државата мора да го почитува изборниот легитимитет на легитимните претставници на етничките заедници бидејќи тоа овозможува стабилност, безбедност и социјална кохезија. Г. Ахмети повтори дека решението за оваа тешка ситуација се заедничките парламентарни и локални избори во октомври 2025 година“, пишува во соопштението од ДУИ.
Од СДСМ пак, велат подготвени се за избори, но првиот чекор чекаат да го направи власта.
- Мицкоски во изминатите денови гледаме дека излегува со различни изјави. Еднаш повика на предвремени избори, вчера гледаме еден вид на ретерирање од таа изјава. Ние сме подготвени за избори, доколку и власта е спремна за тоа нека го направат тие тој чекор“ - изјави Кузеска, портпарол на СДСМ
Топката за ново гласање за пратеници до година ја смирија и од владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ/Вреди. Токму Мицкоски, кој ги понуди предвремените избори како одговор на барањето на Филипче да го врати мандатот, вчера изјави дека организирање на избори во кус период ќе значат непотребни трошоци за државата, а исходот ќе биде ист како тој на 8 јули. Овој став денеска го повторија и од Владата.
- Владата останува на ставот дека не треба да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври идната година, изјави Марија Митевска, портпарол на Владата
Мицкоски вчера образложи дека локалните избори догодина се можност партиите да видат каква доверба имаат кај граѓаните, а на опозициските партии им порача програмски и кадровски да се освежат.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар