ОСКАРИ на Сител на 26-ти февруари, 14 номинации за „Ла Ла Ленд“
Американската Академија за филмски уметности и наука денеска ги соопшти номинациите за наградата Оскар во 24 категории. Мјузиклот „Ла Ла Ленд“ освои рекордни 14 номинации, меѓу кои за најдобар филм, режија (Дамиен Чазел), најдобар актер и актерка (Рајан Гослинг и Ема Стоун), со што се изедначи со филмовите „Титаник“ и „Се за Ева“ по број на номинации. 14 години откако „Чикаго“ освои Оскар за најдобар филм, повторно мјузикл е фаворит за главната награда.
По 8 номинации имаат филмовите „Месечева светлина“ и „Пристигнување“. Покрај овие две остварувања и „Ла Ла Ленд“ , за најдобар филм номинирани се и: „Огради“, „Лав“, „По секоја цена“, „Скриени фигури“, „Манчестер на море“ и „Гребенот на спасените“, кој му донесе номинација за режија на Мел Гибсон, што беше вистинско изненадување.
Оскаровката Мерил Стрип ја освои нејзината дваесетта номинација за улогата во „Флоренс Фостер Џенкинс“, со што постави нов рекорд за актерски номинации. За најдобра актерка номинирани се и Ема Стоун, Натали Портман за „Џеки“, Рут Нега за „Сакана“ и Изабел Ипер за „Таа“.
За најдобар актер номинирани се: Рајан Гослинг, Кејси Афлек за „Манчестер на море“, Виго Мортенсен за „Капетан Фантастик“, Дензел Вашингтон за „Огради“ и Ендру Гарфилд за „Гребенот на спасените“.
Изненадување беше што изостанаа номинации за Хју Грант, Том Хенкс и Ејми Адамс.
За најдобар филм од неанглиско говорно подрачје номинирани се: данскиот „Земја на мини“, иранскиот „Продавач“, шведскиот „Човекот наречен Ове“, австралискиот „Тана“ и германскиот „Тони Ердман“.
ТВ Сител ексклузивно ќе го пренесува 89-то доделување на филмските награди Оскар в недела, 26-ти февруари.
-
Миланка Рашиќ
Сите содржини од овој новинар