Македонија
8. November 2022 - 16:44

Османи најави дека Венецијанската комисија ќе го провери Законот за здруженија

Иако донесен со консензус од власта и опозицијата и без забелешки од правните експерти, Османи го праќа Законот за здруженија на мислење во Венецијанската комисија.

Од Софија, по средбата со неговиот домаќин Милков, Османи не го посочи мотивот за ваквиот чекор, ниту кои членови од Законот и од кого се оспорени.

“Да, донесен е Закон во Собранието. Негова цел беше да се одговори на моментот, да се спречи саботирање на заедниците од страна на други чинители. Тоа што се оспорени одредени прашања, ќе предложам Владата да го прати законот до Венецијанската комисија за да каже таа дали има спорни елементи”

Законот, со кои се забранува формирање на здруженија со контроверзни имиња, не го коментираше ниту Милков, со што остана нејасно дали ваквото барање го испорачала официјална Софија.

“Нашите односи поминаа низ сложени периоди. Ние имаме интерес од бугарска гледна точка и тоа е всушност целта на денешната средба, да ја вратиме позитивната агенда во меѓусебните односи. Тоа е нешто кое во последните месеци чувствуваме дека се загуби и од двете страни на границата”

За предлогот – Законот за здруженија да оди во Венецијанска, свој став има и ВМРО ДПМНЕ.

“Ова е доказ дека власта не ги штити интересите на граѓаните...да го потсетиме Османи дека и други Закони беа во спротивност со забелешкита на Венецијанската комисија, а Османи и власта не ги почитуваа”

Советодавно мислење од Венецијанската комисија досега е побарано за повеќе Закони, меѓу нив и за Законот за јазици.

Тогаш овие експерти се изјаснија дека тој треба да се преиспита бидејќи оди премногу далеку и наметнува нереални обврски на институциите.