Македонија
22. December 2021 - 20:02

Основниот кривичен суд го прифати предлогот на ЈО, Мијалков добива 30 дневен притвор

Основниот кривичен суд – Скопје го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор во траење од 30 дена против Сашо Мијалков, обвинет во предметот „Плацови на Водно“.

– Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против С.М. обвинет во предметот со КОК бр. 63/21 во јавноста познат како „Плацови на Водно“, а имајќи ја предвид итноста на постапката, Кривичниот совет, по добивање на предметот, одржа седница на советот и донесе решение со кое го прифати предлогот на јавниот обвинител и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд.

Од Основниот кривичен суд додаваат дека Советот смета оти се исполнети условите од член 165 став 1 точка 1, односно дека постои опасност од бегство, а решението е во фаза на експедирање до странките во постапката кои имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.

Основното јавно обвинителство попладнево поднесе Предлог за определување на мерка притвор за Сашо Мијалков, по обвинение за „перење пари и други приноси од казниво дело“ во предметот „Плацовите на Водно“.

Апелацискиот суд во Скопје денеска ја прифати гаранцијата од 11 106 501 евро со што поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, со што како што потврдија за МИА од Судот, со која мерката притвор беше преиначена во мерки за претпазливост, односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во суд.

Гаранцијата од над 11 милиони евра се состои и во недвижен и во подвижен имот, а Мијалков треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.

Оваа мерка притвор на Мијалков му беше изречена во врска со предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на осум години затвор. Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет – Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, а обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“, пак, доби ослободителна пресуда.

Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.