Македонија
28. March 2025 - 12:27

Осум студенти од УГД загинаа во трагичниот настан во Кочани

Осум студенти од различни факултети и академии на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, се жртви во страотната катастрофа во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а има и повредени. Студентската заедница и вработените на УГД се тешко погодени од трагедијата и нудат сестрана помош на семејствата на загинатите и повредените.

-Универзитетот, уште од самиот почеток, заедно со студентските организации, почнавме да работиме, на некој начин да ги санираме последиците и да им помогнеме на колегите кои беа директно погодени. Универзитетот, со подршка на МОН и Универзитетската комора, веднаш отворивме Центар за психолошка поддршка, која како активност ќе продолжиме да ја поддржуваме се додека е потребно, изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД-Штип.

Центарот за психолошка поддршка е во рамките на Факултетот за образовни науки, а професорите и студентите добија инструкции како да им помогнат на своите колеги.

-Уште еднаш ги повикувам сите студенти, да ги искористат сите капацитети кои им се на располагање. Навистина е подобро кога болката заедно ја делиме сите. Стручните служби се подготвени да им помогнат и сигурен сум дека тоа ќе биде подобро и за нив и за нас, како институција, додаде Мираковски.

Во сенка на трагичнио настан, УГД скромно ја одбележа 18 годишнината од своето постоење, а на 16 студенти со највисок просек им беа доделени признанија. Со едноминутен молк професорите и студентите и им оддадоа почит на своите загинати колеги.