Балкан
11. August 2016 - 11:35

Отпуштени над 27.000 просветни работници во Турција

Над 27.000 лица се отпуштени од образовниот сектор на Турција, по неуспешниот обид за преврат на 15 јули, изјави денеска турскиот министер за образование Исмет Јилмаз.

- На 27.424 вработени во училиштата и образовните институции, кои во исто време биле дел од „паралелната структура“, им беа одземени лиценците за работа. На тие службеници никогаш повеќе нема да им биде дозволено одново да работат во државна или приватна образовна институција, истакна министерот.

„Паралелна структура" е термин што го користат турските владини претставници за означување на лицата вработени во државните институции, за кои се верува дека се следбеници на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, за кого пак, Анкара тврди дека стои зад обидот за воен преврат.