Отворени сите откупни пунктови за тутун во Струмичко

Здруженијата на тутунари информираат дека сите откупни компании го запазиле законскиот рок и започнале со откупот на тутунот во Струмичко.
Тутунопроизводителите се задоволни од процената во првите седум дена, а од здруженијата на тутунари велат дека во првата недела процената оди без проблеми, но оти не сакаат да калкулираат со просечната цена.
- Многу рано е да зборуваме за просечна цена. На околу половина од откупот може да излеземе со конкретни бројки. Нашите поверители се на терен и од она што стигнува како информација до нас, производителите генерално се задоволни од цената. Меѓутоа на почеток тоа не значи ништо, зашто може сега тутунарите да ги носат подобрите класи, а подоцна полошите. Рано е да прогнозираме, но со оглед на одличните временски услови и квалитетот на тутунот, очекуваме годинава да биде надмината минатогодишната цена од 117 денари во струмичкиот регион, изјави Марјан Трајков од Здружението на тутунари „Басмак Василево“ од Василево.
Во струмичкиот регион оваа година за скоро 40 проценти е намален бројот на тутунопроизводители. Причините, според Трајков, е ланската ниска откупна цена и лошиот квалитет на тутунот.
- Многумина се откажаа од производството на тутун и поради неможноста да извадат евидентни листови, поради немање имотен лист. Нотарските заверки и целокупната документација на потенцијалните производители им беше скапа и се откажаа од оваа култура, додава Трајков.
Годинава, овој регион од југоистокот се очекува да даде од 1.500 до 1.700 тони тутун.
Четирите фирми во кои се откупува тутунот во струмичкиот регион се „Струмица табак“ од Струмица, „Сокотабак“ од Битола, „Алијанса Оне“ од Кавадарци и „Далија табак“ од Делчево.
Ново на Сител
-

Жените се повеќе се дел од науката, потребно креирање политики
-

Преглед на вестите од светот
-

Тема на денот со Андреј Жерновски, СДСМ
-

Преглед на вестите од светот
-

Зелени грантови за домаќинствата и бизнисите во Босилово
-

Над 200 евакуирани во Кичево поради поплава
-

СДСМ со нови обвинувања за тендери, ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла како популизам
-

Обвинувања за поврзаност со бизнисот со канабис - нова политичка пресметка
