Македонија
28. March 2025 - 12:27

Овошна садница за пластично шише, еколошка акција во општина Босилово

Овошна садница за пластично шише. Под ова мото општина Босилово четврта година по ред реализра пролетна еколошка акција која има за цел да ги мотивира граѓаните да го селектираат пластичниот отпад и да учествуваат активно во чувањето  на животната средина. Секој граѓанин кој ќе донесе 30 пластични шишиња добива овошна садница по избор.

Во акцијата се вклучија и 22 годишниот Виктор од здружението „Говорот на срцето“ заедно со неговиот татко кои порачаа наместо да се палат шумите сите да засадат по едно дрво.

Годинава беа обезбедени 1500 садници за граѓаните од сите населени места. Овошните дрвца  се купуваат со средства кои општината наместо да ги троши  за набавка на новогодишен рекламен материјал ги наменува за набавка на садници. Градоначалникот на Босилово Ристо Манчев вели дека акцијата веќе ги дава првите резултати, а граѓаните полека ама сигурно започнуваат да го селектираат пластичниот отпад.

За време на акциите во изминатите четири години на територијата на општина Босилово биле собрани неколку тони пластичен отпад и посадени близу 6000 садници.