Македонија
16. October 2016 - 8:56

Панел дискусија на ВМРО-ДПМНЕ „Стоиме на располагање на народот“

Стабилен Парламент со 62 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ, не значи помалку или повеќе работа за пратениците од коалицијата. Стабилен парламент со 62 пратеници значи стабилна Влада, стабилна Влада значи стабилна држава, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски вечерва на панел дискусијата на тема „Стоиме на располагање на народот“.

- На овие избори граѓаните треба да разберат дека се бориме или за стабилност, која што ќе значи економски напредок и почитување на Република Македонија или ќе имаме хаотичен Парламент, хаотична Влада, хаотична држава и во следните четири години, истакна Димовски.

Во изминатите две години на тешка политичка криза во кои што Македонија беше во вкрстен оган  од различни фактори и субјекти кои, рече, сакаа да ја „клекнат“ државата и институциите за таа да капитулира со цел, според него, да се смени комплетниот идентитет, Собранието на Република Македонија беше браната којашто не дозволи да помине ниеден закон кој што ќе значеше капитулација по линија на основните национални и државни интереси.

- Беше голем предизвик да се работи со конкурентска страна која што живее во некој фиктивен свет, во свет во кој што сите треба да веруваат во едната апсолутна вистина што едната и единствена партија, Сојузот на комунисти ја говори. Ние имавме навистина тежок период кога на овие луѓе требаше да им објасниме дека Собранието е дом на сите граѓани. Тоа што ние сме 60, а тие се 30 е заради тоа што граѓаните така сакале да биде. Токму истите тие граѓани и на изборите на 11 декември повторно ќе одлучат и бројките да не се променат, рече Димовски.

Пратеникот Влатко Ѓорчев истакна дека ако една влада и една гарнитура е дестабилизирана во Собранието, тогаш таа ќе биде од темел дестабилизирана. Според него, во изминативе две години имало обиди и операција за  дестабилизација на Македонија, кои не успеаја, вели, затоа што „они кои што тргнаа за дестабилизација на Македонија не можеа да соберат 62 пратеника“. Оцени дека ударите врз она што се нарекува Македонија, унитарност и стабилност на владата ќе продолжат и во иднина, но прашањето е, вели, „дали ќе успееме или ќе имаме дестабилизација“.

- Во Собранието клучни се бројките. ВМРО-ДПМНЕ секако на наредните избори ќе ја состави владата, но не е сеедно дали со 55 или со 62 пратеници. Наредните 55 дена ќе се одлучи за стабилноста и за проектите за наредните  години. Во наредните 55 дена со својата активност и мотив завзема став во наредните четири години. Ние сме подготвени да парираме на се со 62 пратеника. Во изминативе два дена ги слушнавме сите проекти на владата на Македонија,  а сето тоа би се случило само ако имаме стабилност во наредните четири години, ќе расте економијата, ќе може да ги згокемуваме пензиите, ќе овораме нови фабрики и работни места. Сето тоа е стабилноста во Парламентот, а стабилноста се мери со бројки, рече Ѓорчев.

Пратеничката Лилјана Затуроска говореше за отвореноста кон граѓаните и менаџирањето на нивните потреби, како и за функционирањето на пратеничките канцеларии, кои рече, ги имаат над 69.

- Пратеничките канцеларии се една моќна алатка, лобирање и застапување на граѓаните, тоа значи да му се овозможи на граѓанинот да учествува директно во политичките процеси кои што се случуваат во Собранието на Република Македонија, во донесувањето на одлуките, на законите кои што фактички ги креираат и ги бараат самите граѓани, рече Затуроска.

Вратите на овие канцеларии, нагласи, се отворени за секој еден граѓанин без разлика од која политичка партија доаѓа и без разлика на верската или етничката припадност. - Граѓаните кога бараат нешто од нас бараат фидбек, макар тоа било негативен, но бараат тоа да биде објективно направено, реално. И да им се каже оваа работа може да се заврши и оваа работа не може да се заврши, рече пратеничката Затуроска.

Пратеникот Драган Данев посочи дека треба да се порази, како што рече, врхушката на СДСМ.

Да имавме една нормална опозиција ова немаше да го говориме и дискутираме, ние имаме една опозиција која што се грижи за се, само не за македонскиот национален интерес и за интересите на граѓаните на Република Македонија. Ако за сите претходни избори велевме дека тие се најважни, јас мислам дека ова се историски избори на кои што на Заев, на Верушевски на Шилегов треба во македонската историја да им се стави крај, рече пратеникот Данев.

Пратеникот Андон Чибишев се осврна на резултатите во делот на едукацијата во здрватсвото, на кадровската и структурната поставеност.

- Ние направивме не обичен туку еленски скок во едукацијата на здравствените работници во РМ. Во последниве 3-4 години досега имаме над 2.200 медицински работници од сите профили кои што поминале одредена медицинска обука во најреномираните медицински центри во Европа, САД и Азија. Од таму донесоа нови методи и нова технологија кои што сега ја применуваат за добробит на македонските граѓани и пацинети, рече Чибишев.