Македонија
31. March 2024 - 16:44

Партиите ги финишираат подготовките за изборите, граѓаните се поразочарани

Движењето ЗНАМ ги промовираше пратеничките листи во сите 6 изборни единици, на кои велат застануваат нови и чесни кадри. Меѓу нив се и портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ, професорот Атанаско Тунески и Весна Бендевска довчерашната претседателска на комисијата за спречување на дискриминација.

Партијата на овие избори настапува самостојно, а постизборните коалиции ќе зависат од резултатите. Ги радува фактот што рејтингот на партијата и довербата помеѓу граѓаните постојано расте.

Листите вчера ги промовираше и ВМРО ДПМНЕ кои на овие избори ќе го предводат концептот „Македонија повторно твоја“ кој се базира на реформи, проекти и многу работа

Секој од граѓаните може и мора да биде дел од промените кои насушно се потребни на Македонија. Промените се во рацете на секој поединец. Тој може да одлучи во каква Македонија сака да живее и каква иднина сака за себе и за своите поколенија.

Сега е последниот час кога секој човек треба да одбере дали ќе дозволи Македонија да пропаѓа во бездната со ДУИ и СДС, или ќе почнат силни и просперитетни промени и реформи на чело со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Изборот е јасен, исто како што е јасна и разликата на понудите, велат од партијата

Кон Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ синоќа се приклучи и таборот од Алијанса на Зијадин Села

 Ахмети најави мирна кампања, а Европскиот фронт, според него, го има најголемиот човечки капитал којшто ќе ги води процесите напред заедно со Турците, Ромите, Бошњаците.

И додека партиите ги финишираат подготвките, најновите анкети покажуваат дека дури 70% од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешен правец, а корупцијата, криминалот и растот на цените и трошоците за живот им се најголеми проблеми.

Според анкетата на Маркет Вижн по нарачка на МКД.мк, политичар со најголема доверба е Христијан Мицкоски, зад него е Ахмети, а најголемо изненадување е растот на рејтингот на Максим Димитриевски кој е на третото место со поголема доверба и од Пендаровски. На оваа листа лидерот на СДСМ Ковачевски е на 7мото место.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е во убедливо водство со 27,2 %. Коалиција предводена од СДСМ би освоиле 10,7 отсто од гласовите, ДУИ – 8,7%, коалицијата Вреди 7,7%, ЗНАМ 5,5%, Левица 5,3%

Анкетата е спроведена телефонски во периодот од 15 до 24 март на репрезентативен примерок од 1200 испитаници.