Македонија
7. February 2023 - 16:33

Пендиков ќе добие бугарски пасош, стан и обезбедување од државата

Бугарско државјанство, привремен стан и пари за живеење – бугарската држава му нуди низа поволности за охриѓанецот Христијан Пендиков. 

Секретарот на бугарското здружение од Охрид кој со воен авион беше пренесен на лекување во Бугарија, добива поволности не само за него туку и за неговото семејство. Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков му понудил и лично обезбедување за да не бил жртва на провокации. 

„Обидите за надградување и за смирување на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија всушност беа минирани од конкретни дејствија на властите во Скопје. Тоа се разбира, одбележува една нова уште пониска точка во нашите односи“.

Македонскиот премиер Ковачевски вели дека нема да ги коментира понудите на официјална Софија но, потенцира и дека нема да дозволат некој да се меша во она што се случува во Македонија.

Министерот Османи пак вели дека нема да се дозволи некој да стави дамка на Македонија во оваа фаза на интеграциите. Повика да запре циклусот на провокации од Бугарија.

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ ја осудува како што вели зголемената агресија кон македонскиот народ. Во статус на социјалните мрежи Мицкоски им испраќа порака на бугарските политичари – ништо не ви го дава правото на непочитување кон Македонија и постојаните фалсификати, историски и политички за кои говорите и ги произведувате.

Пред се дрзнете да квалификувате цел народ и земја, треба да знаете дека темелите на оваа македонска држава се и илинденски и антифашистички. Како народ никогаш не сме војувале против соседите, никогаш не сме правеле сојузи со фашистите и никогаш, ама баш никогаш не сме го барале туѓото. Сме имале почит кон другите народи. Запомнете Македонија е слободарска држава која секогаш била на исправната страна на историјата.

Пендиков вчера беше отпуштен од Военомедицинската академија во Софија и веднаш беше примен од претседателот Румен Радев, кој повика да запре насилството врз Бугарите во Македонија.