Пет пациенти кои се лекуваат во странство се во критична состојба
Во критична состојба се 5 повредени кои беа испратени на лекување во странство по трагедијата во клубот во Кочани. Министерот за здравство информираше дека останатите 110 од вкупно 115 пациенти кои се надвор од државата се релативно стабилни. Се подобрува состојбата и на 55-те пациенти хоспитализирани во македонските болници и клиники, а утре на домашно лекување ќе бидат пуштени 9 –мина од нив.
- Пет пациенти сè уште се во критична состојба, но нивната состојба флуктуира. Веќе седми ден нема починати. Нема ниту еден пациент кој починал. Очекуваме нивната состојба да се подобрува., изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Критични пациенти има и во Србија на ВМА и во УКЦ, каде меѓу првите беа згрижени тешко повредени во дискотеката во Кочани. Директорот на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦ Србија информираше дека кај нив има 17 од повредените кои се од 17 до 35, а повеќето на 20 годишна возраст.
- Во најтешка и критична состојба се двајца пациенти на механичка вентилација додека двајца се оперирани, пациентите иако се на интензивна нега се во добра состојба и постоперативно се опоравуваат. Нивниот постоперативен тек се одвива без проблеми. Наредната недела веројатно ќе бидат оперирани уште пет-шест пациенти. Имам и добри вести, неколку пациенти веројатно ќе можат да бидат префрлени на одделение бидејќи успешно се опоравува нивната респираторна функција, а раните од изгорениците се такви што не бараат престој на одделението за Интензивна нега, изјави за РТС проф. д-р Милан сојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦ Србија.
На Клиниката за хируршки болести “Свети Наум Охридски” каде на лекување се 10 пациенти на 6 шест од нив веќе им е направена трансплантација на кожа.
- Шест од пациентите се со тешки изгореници и веќе им е направена трансплантација на кожа. останатите пациенти се во стабилна состојба и се очекува во текот на следната недела да бидат пуштени на домашно лекување, изјави д-р Небојша Настов, директор на Клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски.
Првите 5 од пациентите кои беа испратени на лекување во странство и се во подобрена состојба се очекува да бидат вратени во Македонија кон крајот на неделата.
Министерот за здравство најави и посебни протоколи според кои ќе бидат третирани пациентите кои ќе бидат вратени на лекување во Македонија, стерилни амбулантни возила, но и посебни оддели и формирање на томови од повеќе специјалности кои ќе се грижат за нив, бидејќи постои ризик од развивање на инфекции.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар