Македонија
14. April 2016 - 14:35

Пет синдикати во ССМ не се согласуваат со одлуката на Иванов

Пет гранкови синдикати при Сојузот на синдикати на Македонија денеска соопштија дека се оградуваат од ставот изнесен од страна на СОНК дека ја поддржуваат одлуката на претседателот Ѓорге Иванов.

Во соопштението потпишано од синдикатите на СИЕР, УПОЗ, СУТКОЗ, СОБ и Самостојниот синдикат на работниците од енергетиката и стопанството се вели дека претседателот Иванов во повеќе наврати со своите постапки покажал дека  неможе позитивно да влијае за излез од политичката криза.

- Со одлуките за аболиција што тој ги донесе дополнително се зголеми конфронтацијата меѓу граѓаните, особено меѓу Македонците. Исто така одредени претставници на меѓународната заедница со своите непрецизни или недоволно изградени ставови создаваат дополнителна конфузија поради што сметаме дека нивните препораки не треба да се земаат здраво за готово, се вели во соопштението. 

Тие бараат создавање на поширок и општ консензус за сите отворени прашања со вклучување на сите релевантни фактори во државата како што се политичките партии, невладините организации и здруженија на граѓани, синдикати, академската јавност, асоцијациите на новинари и т.н.