Македонија
24. April 2022 - 14:02

Петков: Северна Македонија во ЕУ најрано за 10 години

Има многу луѓе кои се обидуваат да ги разнишаат добрите односи меѓу Бугарија и Северна Македонија. Нашата влада нема да подлегне на вакви лесни провокации, кои се обидуваат да се случат од двете страни. Имаме една заедничка цел – Северна Македонија да биде европска земја, добар сосед. Заедно можеме да создадеме економски раст и сите овие националистички повици и провокации само треба да ги игнорираме за да одиме напред, вели бугарскиот премиер Кирил Петков.

Според него, гаранција за правата на Бугарите во земјава може да се обезбеди преку процесот на европска интеграција, кој оценува дека за Северна Македонија ќе трае најмалку 10 години.

-Гаранцијата за правата на Бугарите во Република Северна Македонија може да се обезбеди и преку европскиот процес. Впрочем, ако ги ставиме во европскиот договор на Република Северна Македонија, веќе нема само Бугарија да ги брани овие права, туку договорот со Европската унија ќе го гарантира ова право. Значи, укинувањето на ветото, како што сите велат – дали да се укине или не, е погрешен начин на размислување. Тука мора да кажеме – Северна Македонија ќе биде во Европската унија најрано после 10 години. Има многу поглавја на нејзиниот пат кон Европа. Ние треба само да ги поставиме нашите услови – на пример, за Уставот пред првото поглавје. На овој начин, со укинувањето на ветото, ние на Северна Македонија и даваме пат да тргне. Но, во овие посебни поглавја можеме да ги ставиме сите услови кои ни се неопходни, и така нема да го решиме проблемот што моментално постои за една или две недели, туку ќе имаме 10 години да работиме заедно за да може навистина Cеверна Mакедонија да биде европска држава и сите права на Бугарите таму да бидат целосно заштитени. Значи, пристапот треба да биде попаметен, рече Петков во изјава за БТВ.
 
Според него, секој чекор во врска со Северна Македонија ќе помине низ Парламентот, така што тешко дека може да има таен договор меѓу владите.
 
-Ќе имаме отворен дијалог, ќе поминеме низ Парламентот, за да можеме заедно како Бугари да напредуваме во оваа стратегија. Овде очекувам поддршка не само од владината коалиција, туку и од опозицијата, бидејќи ова е национално прашање, додаде Кирил Петков.