Македонија
7. November 2015 - 14:47

Петрески: Граѓаните се посвесни дека треба да ги плаќаат долговите

 И годинава продолжува трендот на намалување на барањата за извршување, како и на вкупно наплатените средства во извршните постапки.

Според претседателот на Комората на извршители Зоран Петрески, причина за тоа е остварувањето на превентивната функција на извршувањето. Граѓаните стануваат се посвесни дека треба да си ги подмируваат своите долгови и го прават тоа, а долговите навреме ги плаќа и државата.

- Ако во 2012 година сме имале над 160.000 барања за извршување, веќе последните три години таа бројка се движи меѓу 105.000 и 110.000 што е пад од околу 50.000. Исто така е и со вкупно наплатените средства. Во првите девет месеци од годинава сите извршители во Македонија наплатиле 77 милиони евра слично како последните две до три години или помалку за 20-тина, скоро 30 милиони евра во однос на 2012 година, информира ­­­Петрески на средба со новинарите во Радовиш.

Најмалку наплатени средства од извршување во последните девет месеци од 2015-та има во Кочани, Берово, Виница и Делечво, а најмногу на подрачјето на Скопје.

- Извршителите не постојат заради оние што не можат да платат, туку заради оние што не сакаат, потенцира Петрески.

Најголем број барања за извршување, стандардно, се однесуваат на физичките лица, потоа на правните, односно на претпријатијата, и на државата. Во однос на сумите, најголеми побарувања има кон фирмите. Долговите на граѓаните се движат од 3.000 денари до хипотекарни, но не поголеми од 50.000 до 100.000 евра, ретко некое физичко лице должи поголема сума, додека долговите на фирмите се неколку милионски. Само од две или три фирми во текот на годината извршителите некогаш наплаќаат 10 или 15 милиони евра.

На средбата во Радовиш што ја организира Комората, освен актуелните податоци за извршувањето, тема е и вонсудската наплата. Станува збор за можност извршителот пред да почне постапка за присилна наплата, најпрво да го информира должникот дека должи одредена сума и да го повика во период од 10 до 15 дена да го плати долгот. Така, неговите трошоци би биле сведени на минимум или би биле повеќе од 50 отсто пониски.

- Би се избегнале трошоците на тужење, за адвокати, за нотарската постапка,... Практично, ако имаат долг од 3.000 денари, евентуално каматата што треба да ја платат би била 1.000 денари, а извршните трошоци не повеќе од десетина евра што за оние категории граѓани кои тешко ги подмируваат долговите би било големо олеснување, посочи Петрески.

За вонсудската наплата, додаде, потребно ќе биде да се смени Законот за извршување за што постои расположение кај Владата и тој е оптимист дека ќе се реализира.

Одговорајќи на новинарско прашање, претседателот на Комората потврди дека државата ги заштитува од извршување оние што не можат да платат, како социјалните случаи или лицата со ниски примања.

Петрески информира и дека претставките на граѓаните се во благ пораст, а тоа се должи на свесноста кај нив дека имаат можност да се пожалат за одредена постапка. - Се зголемува свесноста кај граѓаните дека имаат можност да приговараат на секој чекор на извршителот, посочи тој.

На средбата со новинарите во Радовиш што ја организира Комората учествуваат и претседателката на Апелацискиот суд од Битола Даница Ристова, претседателот на Основниот суд Скопје 2 Илир Сулејмани, како и извршители од повеќе градови.