Македонија
14. March 2024 - 19:51

Петрова обвинува: Министерството за финансии ги крие податоците за јавниот долг и за буџетскиот дефицит

Министерството за финансии ги крие податоците за јавниот долг и за буџетскиот дефицит, обвинува дополнителната заменик министерка. Вели, податоците на Финансии не се совпаѓаат со тие од Државната статистика. Од Финансии одговорија дека податоците се објавени имајќи ги предвид сите фактори во моментот на објавување, а тие на Статистика ќе бидат земени предвид во подготовката на новите проекции.

Јавниот долг ја надминал психолошката бариера од 60%, а Финансии ги крие податоците, обвинува дополнителната заменик министерка Петрова.

На прес-конференција рече дека податоците за јавниот долг и за буџетскиот дефицит во извештаите на Министерството за финансии и оние на Државниот завод за статистика не се совпаѓаат.

-Врз основа на објавата на официјалните бројки за номиналниот Бруто домашен производ за 2023 од страна на Државниот завод за статистика се утврдува учество на јавниот долг во БДП од 62,1%, а не 58,4% од БДП како што е во официјалните извештаи на Министерството за финансии. Буџетскиот дефицит на Општата влада е 4,9% од БДП, а не 4,6% од БДП колку што е објавен, вели Петрова.

Петрова обвинува дека со ова е прекршен Законот за буџето, според кој јавниот долг не смее да надмине 60% од БДП. Според неа, власта продолжува да ја задолжува државата. Појаснува дека за два и пол месеци, годинава, само на домашниот пазар на државни хартии од вредност се задолжила со нови 237 милиони евра. Буџетскиот дефицит, според Петрова, за два месеци е 136 милиони евра, што е една четвртина од предвидениот.

Од Кабинетот на Бесими појаснуваат податоците кои се прикачени на веб страницата на Финансии се однесуваат на состојбата на долгот до 31 декември, земајќи ги предвид сите фактори на утврдувањето на јавниот долг во моментот на објавување.

-Министерството за финансии ги има предвид најновите објавени проценети податоци од Државниот завод за статистика и тие ќе бидат земени предвид во процес на подготовка на  новиот циклус на проекции којшто е во тек и коишто ќе бидат објавени на веб- страницата на Министерството за финансии. Имено, напоменуваме дека објавените податоци за нивото на јавен долг во апсолутен износ не се променети, а нема промена ниту во номиналниот износ на буџетскиот дефицит, велат од Финансии.

Експертите кои ги контактиравме велат дека Статистика врши мерења на веќе поминат период, додека мерењата на Финансии е врз основа на планираниот Бруто домашен производ. За лани надлежните проектираа раст на БДП за 2,9%, но годината ја завршиме со скромен раст од 1%.

Дополнително, иако Законот поставил рамка за долгот и тој не смее да надмине 60% од БДП, тоа е сепак само психолошка бариера бидејќи нема никаков механизам за барање одговорност.