Пезешкијан: Меморандумот за разбирање со САД е најдобриот начин да се реши војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека спроведувањето на меморандумот за разбирање постигнат со САД е најдобриот начин за излез од војната.
– Меморандумот за разбирање е најдобар начин да се надмине ситуацијата „ниту војна, ниту мир“. Во него нема ниту една одредба што претставува капитулација, вели Пезешкијан во пишаната изјава што ја пренесе државната новинска агенција ИРНА.
Сепак, нагласува иранскиот претседател, врховниот лидер ја одредува политиката на Техеран и властите ќе го следат тој пат.
Изјавата на Пезешкијан доаѓа ден пред најавеното објавување на досега најстрогите американски санкции против Иран. САД ветија дека ќе воведат „невидени“ нивоа на економска војна и изолација. Исто така, во понеделник се очекува во Иран да пристигне началникот на пакистанската армија како медијатор во обид да ги оживее прекинатите разговори меѓу Вашингтон и Техеран.
Меморандумот за разбирање што со помош на медијаторите во јуни го постигнаа Иран и САД, отвори 60-дневен период на преговори насочени кон завршување на војната и постигнување договор за нуклеарната програма на Иран. Тој период заврши минатата недела без знаци за компромис, особено по клучното прашање за повторно отворање на Ормуската Теснина, која е од витално значење за глобалната поморска трговија и снабдувањето со нафта.
Шефот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаи, пак, ги предупреди соседите на Техеран да не се приклучуваат на напорите на САД да ја оштетат иранската економија, додавајќи дека во таков случај ќе се сметаат за непријатели.
– Ако (американскиот претседател Доналд) Трамп сака да направи нешто, ние ќе одговориме на сеизмички начин, изјави Резаи за државната телевизија. Тој рече дека ако соседните земји се приклучат на санкциите, Иран ќе ги таргетира рутите низ кои се одвива превозот на нафта во Персискиот Залив, кои се алтернативи на Ормуската Теснина.
Резаи, кој беше назначен на функцијата овој месец, е поранешен командант на Револуционерната гарда и воен советник на врховниот лидер Моџтаба Хамнеи, и е дел од серијата назначувања на високо ниво за кои се смета дека покажуваат оти Техеран зазема поагресивен и поцврст политички и воен став кон непријателите на Иран.
МИА
Ново на Сител
-

Мерц најави крај на рецесијата: Германската економија влегува во фаза на засилен раст
-

Двајца од осомничените за планираното палење фабрика за дронови во Словачка се Летонци, а третиот е Украинец
-

„Денови на Света Мајка Тереза“ по повод 10 години од нејзината канонизација
-

Во село Гари отворена спомен соба на копаничарот Петре Филиповски - Гарка | ФОТО
-

Не мислам дека врховниот лидер на Иран е мртов, туку дека е тешко ранет, вели Трамп
-

Над 90 илјади невработени, повеќе од 100 илјади работат на црно - Нoви податоци на ДЗC
-

Над 20 пожари на отворено, Китка сè уште гори – Ангелов оптимист за ставање под контрола
-

Прв случај на западнонилска треска оваа година е регистриран во Бугарија
