Почина актерот Марин Бабиќ
Синоќа во Скопје, по кратко и тешко боледување на 74-годишна возраст почина доајенот на македонското глумиште, Марин Бабиќ (1947 – 2022).
Во 1971 година дипломирал на Театарската академија во Софија и истата година станува дел од Драмски театар – Скопје, каде го поминува целиот свој работен век. Ќе остане запаметен по бројните и значајни улоги не само во својата матична куќа, туку и во други театри и проекти. Позначајни улоги има во претставите: „Болен Дојчин“, „Лиза, Лиза“, „Свадба“, „Учени жени“, „Собирен центар“, „Бура“, „Вообразениот болен“, „Злостори на срцето“, “Најголемиот подвиг на витезот Сукало“, „Ивона кнегиња бургундска“, „Солунски патрдии“; „Рибарски караници“, „Косанчиќев венец бр. 7“, „Хаос зад кулиси“, „Викенд на мртовци“, „Ноќ спроти Водици“, „Зојкиниот стан“, „Смртта на Дантон“, „Стапица“, „Сказна за времето“, „Сили во воздухот“, „Самоубиец“, „Балконот“, „Не сега драга…“, „Прости дарови“, „Амадеус“, „Дедо Мраз и Феферона“, „Заводникот од западниот свет“, „Словенскиот ковчег“, „Платонов“, „Ферхад и Ширин“, „Демонот од Дебар Маало“.
Неговата актерска кариера ја одбележаа и бројни филмски и ТВ улоги: „Бушава Азбука“, „Наши години“, „Оловна бригада“, „Јад“, „Нели ти реков“, „Доротеј“, „Јужна патека“, „Тетовирани души“, „Претежно ведро“, „Училиште за кловнови“, „Збогум на 20 век“ и многу други.
Во културната колективна меморија засекогаш ќе остане неговиот Јашар Бег во театарската претстава „Солунски патрдии“, но и по репликата која стана урбана фраза на многу луѓе – „Ово нема ни у Београду“, од претставата „Викенд на мртовци“.
Повозрасните генерации сé уште со носталгија се сеќаваат на неговата култна Ноќна програма на Радио Скопје, кога со неговиот извонреден глас влегуваше во домовите на слушателите и беше нивниот „пријател во ноќта“. Радио кариерата ја заокружи со популарната радио-емисија за готвење во некогашниот Радио Равел.
Марин Бабиќ ќе остане запаметен како идеен творец на култната манифестација „Глумците Пеат“ и по поетскиот серијал „Бебули“ и неговите маестрални интерпретации на современата поезија.
Погребот ќе биде извршен на новите градски гробишта во Прилеп на 18 октомври (вторник).
Ново на Сител
-

Ден на победата над фашизмот
-

Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи
-

Трамп објави десетици декласифицирани документи за НЛО
-

Ирански медиуми објавија за спорадични борби во Ормуска Теснина
-

Гаши-Варнс: Поддршка за реформите и стратешкото партнерство со САД
-

Рубио: Во наредните часови очекувам Иран да презентира сериозен предлог
-

Делегација на Собранието учествува на 20. Генерално собрание на Парламентарното собрание на Медитеранот
-

МОН: Демографските промени бараат оптимизација на училишната мрежа и мобилност на наставниот кадар за поквалитетно образование
