Почна амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2024 година, поднесени 272 амандмани
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почна разгледувањето на амандмани за Буџетот за 2024-та година, откако вчера заврши општиот претрес. За Предлог-буџетот поднесени се вкупно 272 амандмани од овластени предлагачи, од кои 250 се од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. На денешниот прв ден беа разгледани три амандмани и од страна на претставниците на Владата не беа прифатливи.
Со првиот амандман беше предложено да се намалат приходите од акцизи во висина од 100 милиони денари, а со цел да се намали данокот на додадена вредност на огревното дрво. Со вториот се предлагаше да се намалат трошоците од акцизи во вредност од три милијарди денари, а со цел да се намали ДДВ-то за електрична енергија за домаќинствата од 18 на 5 проценти. А со третиот амандман се предлагаше намалување на приходите од акцизи во висина од 1 милијарда денари, со цел да се намали ДДВ-то за сите прехранбени производи на 5 проценти. Потпретседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Марија Петрушевска даде пауза до 16:45 часот.
По завршување на амандманската расправа, Предлог-буџетот треба да се најде на усвојување на пленарна седница. Согласно утврдените рокови, Буџетот за наредната година треба да биде усвоен во Собранието најдоцна до 31 декември.
Заменик министерот за финансии, Филип Николоски за првиот амандман истакна дека се одбива поради тоа што доставениот предлог е во спротивност на Анексот 3 од Директивата на Европската унија 2006/12.
-Би сакал да додавам дека загревањето на домовите со огревно дрво претставува еден вид на нееколошки начин на греење. Во изминатиот период однесовме неколку законски измени со кои што се намали стапката на ДДВ-то од 18 на 5 проценти за топлинска енергија и за печки на пелети, котли на пелети од причина што ваквиот начин на греење има позитивно влијание, односно еден начин на намалување на аерозагадувањето и заштитата на животната средина и заштитата на шумскиот фонд на државата, рече Николоски.
Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за финансирање и буџет нагласи дека со амандманот бараат државата да се откаже од дел од приходите од даноци, да ги намали непродуктивните трошења и да им помогне на граѓаните.
-Зошто да им помогне на граѓаните? Бидејќи отприлика 62 проценти од домаќинствата се греат на дрва. Луѓето да можат, нема да се греат на дрва, затоа што во моментов најевтиниот енергент за загревање на домовите се дрвата. Граѓаните да можеле поинаку да се греат, поинаку ќе го направеле тоа, рече Стојаноски.
Според пратеникот на СДСМ, Коле Чаракчиев, овој амандман не е целосен, односно немаат комплетен увид за составот на амандманот.
-Во образложението не пишува за кој процент се работи за набавување на цената, односно ДДВ-то за огревно дрво. Пишува само сума од 100 милиони денари. Ако сакате и ќе го прочитам амандманот - „Со амандманот се предлага да се намалат приходите од акцизи од 100 милиони денари, а со цел да се намали ДДВ-то на огревно дрво“, рече Чаракчиев.
Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или се за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари.
Растот на економијата е проектиран на ниво од 3,4 отсто, а инфлацијата на ниво до 3,6 отсто.
Ново на Сител
-
Полицијата пристигнува во зградата на РТВ во Нови Сад во пресрет на денешниот студентски протест
-
Израел: Постара жена убиена во терористички напад во Херцлија
-
ФСБ: Американец осуден на 15 години затвор поради собирање генетски податоци на руски државјани
-
Истражување: Пушењето влијае на здравјето и до 25 години по откажувањето
-
Забрана за пловидба од неколку грчки пристаништа поради силниот ветер
-
Дончиќ поради повреда ќе отсуствува најмалку еден месец
-
Финска задржа руски брод, под сомнение дека е поврзан со саботажа во Балтичкото Море
-
Најстудено и најмногу снег на Попова Шапка