Македонија
29. September 2015 - 12:59

Почна обуката за првите македонски сомелиери

Вкупно 12 кандидати ќе бидат првата генерација сертифицирани македонски сомелиери. Тие од вчера ја почнаа седумдневната обука што ја организира Македонското сомелиерско здружение.

Обуката е според програмата на Италијанското сомелиерско здружение (АИС).

- Драго ми е што сум во Македонија и што можам да помогнам во создавање на сомелиерската професија овде. Македонија има голем вински потенцијал и секако и се потребни едуцирани професионалци кои ќе ја шират винската култура. Интересот е голем, а ентузијазмот што го видов најавува позитивни промени на винската и угостителската сцена, изјави Роберто Белини, предавач и потпретседател на АИС.

Кандидатите веќе имаа можност да слушнат за улогата и задачите на сомелиерот, за професионалниот вински сервис и протоколот, а имаа и предавање за лозарството, видовите почви и климатските услови. Изведуваа и практични вежби на сензорна евалуација преку дегустирање на повеќе стилови македонски и странски вина во една интерактивна атмосфера.  

- Сомелиерството насекаде е ценета и барана професија која помага во зацврстување на врската меѓу винариите и нивните потрошувачи. Верувам дека и идните македонски сомелиери ќе придонесат кон градење на таа врска, рече претседателот на Здружението на сомелиери на Македонија Александар Вучковски.