Македонија
9. јуни 2016 - 11:06

Почна потпишувањето договори за користење на водата од ХМС „Брегалница“

Подружницата „Брегалница“ при „Водостопанство на Македонија“ почна со потпишување договори за користење на водата од хидромелиоративниот систем „Брегалница“.

Пунктот за потпишување на договорите со земјоделците која ја користат водата од овој систем, се наоѓа пред управната зграда на Водостопанство „Брегалница“ во Кочани и ќе работи до доцните попладневни часови.

- Денешниот отворен пунк го реализираме со цел земјоделците-водокорисници од општина Кочани и соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево да можат да ги потпишат договорите за користење вода во оваа наводнителна сезона. Очекуваме интересот и посетеноста од страна на земјоделците да биде голема, изјави Никочо Гоцев, директор на Водостопанство, подружница од Кочани.

Според Гоцев, оние земјоделци кои нема да потпишат договори за користење на водата од ХМС „Брегалница“ ќе бидат одбиени за добивање субвенции од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За потпишување на договорите земјоделците треба имаат само лична карта и стар имотен лист за сопственост на површините.

Услугите на Водостопанство „Брегалница“ од Кочани ги користат над 25 илјади земјоделци од Виница, Кочани, Зрновци, Чешиново Облешево, Штип и Свети Николе.