Почна реконструкцијата на секундарната водоводна мрежа во Ресен
Во Ресен денеска почна реконструкцијата на секундарната водоводна мрежа, проект финансиран преку програмата за обнова на екосистемот на Преспанското Езеро од Швајцарската агенција за развој и соработка во висина од околу 200.000 долари.
На отпочнување на реализација на проектот денеска присуствуваа градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезовски и постојаниот претставник на УНДП во Македонина Луиза Винтон.
Проектот што го спроведува УНДП, според Винтон, е од исклучителна важност за жителите и за општината, бидејќи повеќе нема да се соочуваат со чести дефекти на мрежата и прекин во водоснабдувањето.
- Старите азбестни цевки ќе бидат заменети со нови, направени од материјал кој ги исполнува современите стандарди за здравствена заштита, појасни Винтон.
Со реализација на овој проект, како што истакна градоначалникот Стрезовски, ќе се комплетира реконструкцијата на водоводната мрежа. Ваква темелна и целосна обнова на водоводната мрежа, според него, не е направена уште од 70-тите години на минатиот век.
- Со замена на водоводните цевки со вкупна должина од пет километри, загубите на вода ќе бидат сведени на минимум и ќе се зголемат приходите на јавното водостопанско претпријатие „Пролетер“. Со тоа ќе се подобрат комуналните услуги за жителите на Ресен, а претпријатието ќе може подобро да се справува со отпадот и со отпадните води, изјави Стрезовски.
Тој информира дека интервенцијата целосно се вклопува во филозофијата на интегриран менаџмент на сливовите на водите, кој се спроведува во регионот на Преспа за одржлив развој на овој регион. Резултатите од напорите за реставрација на екосистемот, како што рече, се воочливи и тоа го прави проектот за Преспа еден од ретко успешните, не само во земјата, туку и во поширокиот регион.
Во Ресен во тек е реконструкција, односно замена на азбестните цевки и на примарната водоводна мрежа, проект финансиран со средства од Европската банка за инвестиции во вредност од 600.000 евра.
Ново на Сител
-
Ограбена менувачница во Скопје за 10 илјади евра
-
Кај тројца од жртвите во пожарот во Кочани имало и изгореници од четврти степен, а кај четворица скршеници на ребра и задушување од притисок при стампедо
-
На патот Неготино-Градско во возило „рено клио“ пронајдени пет мигранти од Египет
-
Тошковски: Не можам да се сложам дека актуелни носители на функции не се дел од истрагата за пожарот во Кочани
-
Две деца на возраст од 11 и 13 години се оддалечиле од Детско село
-
Црвен крст: Досега собрани 48.172.115 денари
-
Хоспитализиран 56-годишен пациент од сообраќајката кај Соколарци
-
Панчо од ДНК е надвор од животна опасност, велат од „Систина“