Почнува Вевчанскиот карневал

Со настап на рок групата „Архангел“, Неша од групата „ Галија“, Културно уметнички работници и ди-џеј Рутбој денеска почнува годинашниот Вевчански карневал.
За дочекот на Новата година, според Јулијанскиот календар, односно утревечер, задолжени се „Кате и Нели ти реков“, „Баклава“, „Џубокс бенд“ и оркестар „Зурли и тапани“ од Вевчани.
Утре напладне ќе почне дефилето на василичарите, каде се очекуваат над 1.000 поединечни и групни маски, а Вевчани и годинава ќе биде театар на отворено, без режија и сценарио. Покрај традиционалните маски на зетот и невестата, глупавиот август и ѓаволите, ќе бидат прикажани и маски со настани што ја одбележаа изминатата година. Вевчанци ќе кажат се, но до карневалското дефиле не откриваат во што ќе бидат маскирани.
Двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во изминатите 12 месеци ќе продефилираат низ вевчанските улици. Вевчани ќе наликува на театар на отворено, а секое карневалско издание за вевчанци е доживување и инспирација за изработка на маска за следната година.
Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричката. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Според традицијата, утре Василичарите ќе одат од куќа во куќа каде што има име Васил да му честитаат и околу пладне доаѓаат во центарот на Вевчани каде што ги играат василичарските ора. Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, во попладневните часови. Со палењето на маските се верува дека се ослободуваат од злото и дека годината ќе им биде среќна и бериќетна.
Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото и двајцата глупи августи кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот, Јулијанскиот календар.
Ново на Сител
-

Најмалку 12 загинати и над 200 повредени во силниот земјотрес на Филипините
-

„Лајка“: Проблемот со бездомните кучиња не почнува на улица, туку со неодговорно сопствеништво, напуштање и неконтролирано размножување
-

Маж со нож избоде шест лица на железничката станица во Њујорк
-

Перез: Му посакуваме добредојде на еден од најдобрите тренери во светот - Мадридистот Жозе Мурињо
-

Без струја делови од Бутел и Кисела Вода
-

Браќа со пиштоли, скриени во грмушки чекале да убијат возач оти при разминување им се допреле ретровизорите
-

Трамп: Нетанјаху нема друг избор освен да го прифати договорот со Иран
-

Почнува Петровденскиот (Апостолски) пост
