Балкан
25. May 2020 - 15:39

Под посебни услови и прописи се отвораат основните училиште и градинките во Грција

Антисептици во училниците, чистење два пати дневно, природно проветрување, по еден ученик во клупа на растојание од еден и пол метар, најмногу 15 ученици во секое одделение, наизменични одмори за да се избегнат гужви, се дел од правилата под кои од следниот понеделник ќе работат основните училишта во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Учебната година наместо на 15, ќе заврши на 26 јуни 2020 година, а следниот понеделник ќе се отворат и градинките кои ќе работат до 31 јули 2020 година, според она што денеска го соопшти министерката за образование и религија на Грција Ники Керамеос.

За основните училишта, предвидено е доколку во одделенијата има над 15 ученици, тие да бидат поделени во две групи. Едната група ќе следи настава понеделник, среда и петок, другата вторник и четврток, а ќе се менуваат на една седмица.

Носењето маска за учениците и професорите не е задолжително, туку е изборно.

Керамеос рече дека одлуката да се отворат училиштата била пред сѐ базирана на едногласниот предлог на надлежната комисија од епидемиолози, но и поради позитивниот тек на постепеното укинување на мерките, како и за да се обезбеди враќање на учениците во нивната природна средина –училиштето.

-Децата се побезбедни на училиште, каде што се почитуваат правилата и мерките за заштита и превенција, отколку надвор, во населбите и на плоштадите без никакви правила. Не постои подобро место од училиштето за децата да се прилагодат и да се навикнат на новата реалност. За да научат повеќе да внимаваат во секој аспект од нивното секојдневие, рече министерката за образование на Грција.

Истите правила за основните училишта, ќе важат и за градинките.

На 1 јуни ќе се отворат 1.600 градинки во цела Грција, во кои се запишани околу 90.000 деца.