Македонија
3. August 2015 - 14:08

Полицаец од Крива Паланка крадел пари

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против Г.С.(34) од Крива Паланка, вработен како полициски службеник во МВР од 2002 година, поради основано сомнение дека сторил две кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама“.

Како што соопшти МВР, осомничен е дека ги оштетил лицата М.Ц (27) и Ѓ.Ц.(28) од кривопаланечкото село Конопница, стекнувајќи противправна имотна корист. Тие биле во куќен притвор, мерка што им ја одредил Основен суд Куманово, а пријавениот, во својство на службено лице од Полициска станица од Крива Паланка при СВР Куманово, кај нив бил на 26 јули 2015, на работна задача надзор над мерка куќен притвор.  

Откако го извршил надзорот, повторно се вратил кај оштетените во нивниот дом и искористувајќи ја нивната состојба во куќен притвор и својата службена положба, им ги побарал платежните картички и ПИН-овите со образложение дека ќе ги провери зашто некој можеби им ги зел парите додека се во притвор.

Оштетените му поверувале и тој дента и во наредните денови во повеќе наврати од банкоматот во Крива Паланка подигнал вкупен паричен износ од 63.500 денари. При следниот обид, картичката му била одземена од банкоматот. Во објектот на филијалата во Крива Паланка влегол за да се распраша за важноста на картичките и му било кажано дека со нив нешто не е во ред.

Картичките биле блокирани зашто сосед на оштетените се јавил телефонски во службите на АД „Стопанска Банка“- Скопје и ги пријавил за изгубени. Откако разбрал од оштетените дека полицаецот им ги зел платежните картички, соседот се посомневал во неговите намери зашто знаел дека дека им должел позајмени пари на многу лица во Крива Паланка. 

МВР информира дека против пријавениот и претходно до Основното јавно обвнителство Куманово бил поднесен посебен извештај за кривично дело „измама“, бидејки не вратил долг на лице од кое зел пари на заем.

- Воедно за пријавениот ќе биде поведена и дисциплинска постапка за потешко кршење на работниот ред и дисциплина со предлог мерка отстранување од работното место согласно Колективниот договор на МВР на РМ, соопшти Министерството за внатрешни работи.