Полициска акција на УГД
Полициски службеници од утрово вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје, во рамки на истрага за сомневања за злоупотреба на службената положба и неовластено навлегување во компјутерски систем на штипскиот Универзитет„Гоце Делчев“. Според неофицијалните информации до кои дојде Сител, под истрага е раководител на ИТ секторот на Универзитетот. Постои сомнение дека подолг временски период манипулирал со студентската евиденција, овозможувајќи внесување бодови од испити, запишување семестри без исполнети услови, но и бришење оценки, за што наводно добивал паричен надомест. Според првичните сознанија, ваквите услуги главно им ги нудел на студенти од Турција. Извори на Сител откриваат дека при претресите во домот на осомничениот била пронајдена и поголема сума пари. Од министерството за внатрешни и официјално ја потврдија акцијата.
- Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР, по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на Р.Т. раководител на информатички сектор при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Од МВР најавуваат дека јавноста ќе биде дополнително информирана по целосното завршување на истрагата.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
