Македонија
18. May 2024 - 16:33

Полициска службеничка мамела социјалци за станови

Аналитичарка од СВР Скопје мамела социјални случаи дека наводно ќе им обезбеди социјални станови.

41-годишната аналитичарка од селото Буковиќ, Сарај им барала пари и ги лажела дека наводно ќе им посредува за да добијат социјални станови во Лисиче. Ја пријавиле три оштетени невработени лица. Им се претставувала дека е началник на полициска станица Гази Баба и член на Комисијата за доделување социјали станови.

Како што соопшти Јавното обвинителство, операцијата ја почнала уште лани во април. Во неколку нарати ги навела оштетени да и исплатат по 12.000 евра за станот и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.

Истражителите ја фатиле на дело вчера кога повторно се обидела да прими пари за наводната услуга.

-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција постапуваше по пријава од три оштетени лица и на 17.05.2024 лицето беше фатено во моментот на примање на 12.500 евра, претходно криминалистички обработени, а кои и биле давани за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија, вели портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.

По апсењето со судски налог извршен е претрес во нејзината канцеларија и во нејзиниот дом. Пронајдени биле документи, договори за позајмици, договори за посредување, имотни листови, оружје и муниција.

Според информациите кои ги објави Јавното обвинителство, полициската службеничка ветувала станови во скопско Лисиче. Но на страницата на ПУИК нема ниту една таква зграда. Според јавно достапните податоци, социјални згради има во Ѓорче Петров, а во моментот се градат во Бутел и во Сарај. Како што дознава Сител, во моментот нема ниту еден слободен стан за доделување на социјални случаи.

Комисијата за која таа на оштетените им тврдела дека е член е составена од 5 члена и ја формира министерот за транспорт и врски. Во Комисијата членуваат двајца претставници на Транспорт и врски, двајца од Труд и социјала и едно техничко лице.