Македонија
26. July 2020 - 19:38

Полицискиот час и карантините го зголемија бројот на жртви на семејно насилство

Семејното насилство на југоистокот во пораст. Потресни прикази сведочат за секојдневната тортура низ која минуваат жртвите од кои најголемиот број се жени. Закани, психичко и физичко малтретирање, вакво е секојдневието скоро на секоја од нив. Кај најголемиот дел, насилството било присутно со години, а на интензитет добило со почетокот на пандемијата со корона вирусот и периодот во кој насилниците повеќе време минуваат дома.

,, За време на карантинот работите дома излегоа од контрола. Мажот ми беше постојано дома, ќотек беше како добро утро, добар ден. За мене не ми беше жал, жал ми беше за децата. Се обиде и да ме задуши. Решив да не трпам повеќе, спасот го најдов овде, во центарот за жртви во Струмица, тие ме спасија.,, вели жртва на семејно насилство.

За порастот на семејното насилство во последниот период  сведочат и од шелтер центарот во Струмица. За неколку месеци помош од нив побарале преку 50 жртви.

,, Преку педесетина жртви побараа помош или совет во објектот односно во шелтер центарот, а половина од нив и беа згрижени. Она што како шелтер или како центар за заштита на жртви од семејно насилство го нудиме тоа е интервентна помош на жртвите, исто така згрижување на три месеци, со можност за продолжување шест месеци.,, вели Катерина Давчева шелтер центар за жртви од семејно насилство.

,, Финансиската зависност на жртвата од насилниците останува најголемиот проблем на жртвата да се осмели да го напушти домот.,, вели Елена Јовановска – социјален работник.

Во второто тромесечје од од оваа година статистиката на СВР Струмица бележи 147 поплаки поднесени поради физичко, психичко или економско малтретирање. Во истиот период полицијата бележи и 22 кривични дела поврзани со семејното насилство.

,, Вкупно 12 во 2020, наспроти 8 во 2019 година кривични дела се со нанесена телесна повреда предвидена во член 131 став 2 од кривичниот законик. И 10 наспроти 8 кривични дела загрозување на сигурноста предвидени во член 144.,, вели Хризантема Рендевска – портпарол на СВР Струмица.

Во најголемиот број случаи како сторители на насилството  се јавуваат мажите. Но во последниот период се повеќе има примери во кои жените се сторители, а мажите жртви на семејно насилство.