Свет
3. јуни 2016 - 8:33

Полска: Наесен почнува пријавувањето за Територијална одбрана

Полска наесен ќе почне да прима пријави за првите од предвидените 35.000 доброволци за Територијална одбрана чија цел ќе биде спречување наводна руска закана.

– Пријавувањето за првите припадници на Територијалната одбрана ќе почнат во септември, изјави синоќа министерот за одбрана Антони Мачјеревич на конференција за паравоени организации.

Според него, командната структура и највисоките именувања во Територијалната одбрана ќе бидат одлучени во април идната година.

Во Територијаланата одбрана ќе бидат цивили кои ќе минат воена обука, а формацијата ќе треба да спречи руски сили да заземат полска територија преку инфилтирање како што е направено во Украина, наведуваат западни медиуми.

– Силите на територијалната одбрана се наш одговор на заканите со хибридна војна, изјави Гжегорж Квашњак, кому му е доверено формирање на тие сили. Се очекува секоја од 16-те полски покраини да има по една единица за територијална одбрана на ниво на бригада.