Македонија
21. August 2017 - 12:28

Помалку ученици во кумановските училишта

Помал број ученици ќе се запишат во 16-те основни и петте средни училишта во Куманово, споредено со минатата година, информираа денеска надлежните од секторот за образование од општина Куманово. Според проценките на општината, во основите и средните училишта ќе се запишат околу 16.000 ученици. Во прво одделение ќе се запишат 133 ученици помалку од лани, а во средните училишта 511 ученици.

- Уписот на првачињата, започна во мај, а сега останува оној дел на ученици кои главно се запишуваат во последен момент, па дури и откако ќе започне учебната година во септември. Со години зборуваме и констатираме дека бројот на ученици драстично опаѓа и во основните и во средните училишта. Во моментов, во основните училишта имаме запишано 133 деца помалку во однос на претходната година, а во однос на родените деца бројката е поголема, изјави раководителот на секторот за образование, Жика Крстевски.

Тој објасни дека за причините за намалената бројка на ученици, може само да се претпоставува, бидејќи со години не е спроведен попис.
 
Во кумановските средни училишта, досега, според проценките на училиштата, се  запишале 511 ученици помалку во однос на минатата година.
 
- Оваа бројка можеби е преголема, меѓутоа  се работи за ученици кои се тука, кои аплицирале во одредени училишта, но бидејќи за секоја струка во секое училиште има различен број на потребни поени за запишување, сите се надеваат и очекуваат дека  бројот на поените за запишување ќе се намали и да можат да се запишат во посакуваната струка, изјави Крстевски.
 
Тој потенцираше дека состојбата е неповолна за земјоделското училиште „Киро Бурназ“ и стручното „Перо Наков“, каде со години има тенденција на опаѓање на бројот на ученици.
 
- Бројот на учениците во паралелките се движи од  25-34, многу тешко може да се задржи и очекувам дека реформите што се најавуваат ќе почнат и од тој дел, колку ученици треба да има во една паралелка за да може наставата да се одвива продуктивно. Советот со поддршка на Министерството, изминативе години даваше согласност за функционирање на паралелеките со помал број ученици. Очекуваме овој состав на Владата и во тој дел од реформите во образованието да направи  чекор, кој ќе ја следи  реалната состојба со што ќе се  подобрат условите, изјави Крстевски.
 
Гимназиите и стручното „Наце Буѓони“ немаат проблем со запишување на ученици.