Македонија
18. February 2016 - 15:03

Попис на водомерите во Куманово

Петнаесетина екипи на Јавното претпријатие „Водовод" - Куманово деновиве на терен вршат попис на водомерите на корисниците на услугите, опфаќајќи ги и правните и физичките лица. Акцијата,како што информираа надлежните има за цел да ја утврди вистинската состојба на корисници во Куманово. Во моментов надлежните од претпријатието ги обработуваат собраните податоци од теренското истражување.

- Во оваа фаза на извршен попис не можеме точно да ја утврдиме бројката, но сепак станува збор за податоци  кои можат  позитивно да влијаат на финансикото работење на претпријатето Акцијата е обемна и треба да се спроведе детално за да ги прикаже податоците со кои во иднина може да се планираат приходите на претпријатието, изјави директорот на „Водовод“, Горан Стојковски.
 
Во поголемиот дел од градот евидентирани се домаќинства кои користат вода од претријатието и кои во најголем процент редовно ги плаќаат сметките.
 
- Согласно нашата евиденција имаме зелена зона каде што состојбата е регуларна, жолта зона каде дел од корисниците велат дека користат и вода од бунари и бушотини и портокалова зона каде што има евидентирано нелегални приклучоци за кои планираме да преземе соодветни мерки за приклучување кон системот, што подразбира и плаќање на обвските кон претпријатието, објасни Стојковски.
 
Оваа акција, според Стојковски, е дел од сетот мерки кои се преземаат за да  се подобри ефикасноста на претпријатието и да се подобри квалитетот на услугите кон граѓаните. ЈП „Водовод" евидентира вкупно 31.500 водомери, од кои 28.000 ги користат физичките лица, а 3.500 правни лица.