Македонија
21. April 2016 - 17:01

Попоски: Состанокот во Солун добра можност Грција да и докаже на Македонија дека има добра намера

Состанокот на министрите за надворешни работи на Македонија, Бугарија, Албанија и Грција во Солун посветен на мигрантската криза, а на иницијатива на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, е добра можност Грција да и докаже на Македонија дека има добри намери за спречување на граничните инциденти и криумчарењето на мигранти.

Според шефот на македонската дипломатија Никола Попоски подолго се работи на убедување на грчките власти да придонесат кон стопирање на мигрантите во обидите за обновување на балканската рута, која е блокирана токму на границата од страна на Македонија.

,,Една од главните работи кои треба да се преземат е поинтензивно да се работи на дислоцирање на мигрантите кои во овој момент се наоѓаат во шатори на самата гранична линија помеѓу Грција и Македонија, бидејќи тоа е на некој начин повик за проблеми. Што подолго останат илјадниците мигранти во шатори на самата гранична линија, подолг ќе биде периодот во кој ќе гледаме гранични инциденти и бизнис можности за сите оние кои се занимаваат со шверц на мигранти преку границата‘‘, изјави Попоски

Приоритет на Попоски на билатералната средба со Коѕијас, ќе бидат мерките за градење доверба и градењето позитивна клима помеѓу двете земји, нарушена со мигрантската криза и бројните гранични инциденти. Спорот за името е во втор план.

,,Ова сигурно не е идеално време за решавање на некои стратешки прашања нити во Грција, нити во Македонија. Но, тоа не би требало да не спречи во продолжување со мерките за градење доверба и приближување по голем број на полиња од заемен интерес за двете земји‘‘, смета Попоски.

Заклучоците од сотанокот во Солун ќе бидат објавени утре по средбата на која ќе се вклучат и министрите за внатрешни работи, а Попоски ќе оствари билатерални средби и со бугарскиот и албанскиот министер за надворешни работи Митов и Бушати.