Балкан
11. April 2019 - 10:58

Поради сипаници запрен градскиот сообраќај во Целовец

Во главниот град на австриската покраина Корушка, Целовец на неколку часа беше запрен градскиот автобуски превоз, откако беше утврдено дека еден од возачите на автобус заболел од сипаници.

Одлуката за запирање на сообраќајот е донесена со цел да се спречи ширење на заразата, да се утврди дали возачите во градскиот превоз се вакцинирани и да се изврши дезинфекција на сите автобуси.

Сообраќајот е возобновен по неколку часа, при што враќање на работните места им било дозволено само на возачите што докажале дека се вакцинирани.

Според податоците на австриските здравствени власти, во Австрија од почетокот на годината, па до 3 април, се регистрирани вкупно 60 лица заболени од сипаници. За споредба, во текот на цела 2018 година, во земјата имало 77 заболени од сипаници.