Свет
29. November 2018 - 12:43

Порошенко бара бродови на НАТО за заштита од Русија

Украинскиот претседател Петро Порошенко го повика НАТО да испрати бродови во Азовското Море за да помогне во заштитата на Украина, откако Русија заплени три украински воени брода и ги уапси сите 24 члена од нивните посади кај Керчскиот Теснец. Во интервју за германскиот таблоид Билд објавено денеска, Порошенко вели дека се надева оти европските земји ќе преземат активни мерки, вклучително и засилување на санкциите и заштита од Русија, за да ѝ помогнат на Украина, откако ѝ пружија вербална поддршка на земјата по запленувањето на бродовите.

„Се надеваме дека земјите од НАТО се подготвени да испратат воени бродови во Азовското Море за да ја поддржат Украина и да ја осигураат безбедноста“, вели Порошенко.

Тој тврди дека рускиот претседател Владимир Путин се замислува како „руски император“, а Украина како руска колонија.

„Единствениот јазик кој тој [Путин] го разбира е солидарноста на западниот свет“, вели Порошенко.

Германската канцеларка Ангела Меркел, на отворањето на германско-украинскиот економски форум во Берлин, рече дека планира да изврши притисок врз Путин на Самитот Г20 оваа недела за да побара ослободување на украинските бродови и морнари.

„Ова можеме да го решиме само со меѓусебни разговори, бидејќи не постои воено решение за сите овие конфликти“, додаде таа.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, го денеска го критикуваше барањето на украинскиот претседател за распоредување бродови на НАТО во Азовското Море, оценувајќи дека тоа има за цел „провоцирање на понатамошни тензии“ поради „изборни и внатрешно-политички мотиви“ на Порошенко.

Азовското Море се наоѓа меѓу Русија и Крим и во него се влегува од Црното Море, преку Керчскиот Теснец.