Последен ден од расправата за Предлог-буџетот за 2022 година во Собранието
Во Собранието денеска продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2022 година. И на петтиот и последен ден од расправата, опозицијата и владејачкото мнозинство со спротивставени ставови. Опозицијата смета дека власта нема капацитет да ги спроведе приоритетните цели за граѓаните и државата, а пратениците од мнозинството се на мислење дека буџетот е во насока на подобро справување со енергетската и здравствената криза.
Пратеничката од ВМРО ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова рече дека атмосферата во Собранието наликува на гладијаторска арена, наместо да се води дијалог.
– И овој буџет, како и претходните, не е по мерка на граѓаните туку на пазарните политики внатре во Владата, рече Сиљановска Давкова.
Таа, како приоритети за неа ги спомна образованието и зелената агенда.
– Кога прашувавме каде ќе одат средствата за зелената агенда, одговорот беше дека распределбата ќе биде конкретизирана со Програмата за зелен развој, која ќе ја изработи Генералниот секретаријат на Владата. Извинете, ама ова е за верување или не. Апсолутно, Генералниот секретаријат на Владата нема никаква врска со зелена агенда и тука повторно укажувам на забелешката дека отсуствува координацијата за зелената агенда. Ако немате надлежен орган, кој ќе одлучува за средствата тогаш немате ни одговорност. Тогаш, многу лесно, зелената агенда може да се трансформира во нијанси на сиво, дури и на црно, рече Сиљановска Давкова.
Таа потсети на Извештајот на ЕК, во кој се спомнува дека треба да зајакнат административните капацитети, а стратешките, акциските планови и законодавство мора да бидат кохерентни со начелата на приоритетите на зелената агенда. Пратеничката рече дека и покрај тоа што секоја година се говори за реформи на администрацијата, партизацијата продолжува, а пример за тоа е и случајот на влегување во власт на Алтернатива и пазарењето за директорски места.
Сиљановска Давкова, меѓу другото, нагласи дека од 223 амандмани, на опозицијата и биле прифатени само 11.
На ова и реплицираше Панчо Минов од СДСМ, кој забележа дека биле прифатени 23 амандмани, а не 11.
– Амандманите не беа прифатени оти не беа содржински во рамките на централниот буџет туку се однесуваа на надлежности на локална самоуправа. Се спомнуваа многу улици, кои не се надлежност на централната власт, рече Минов.
Пратениците, меѓу другото, се осврнаа на енергетската криза. Опозиционерите тврдеа дека власта не предвидела средства за овој проблем, додека од владејачкото мнозинство го тврдеа спротивното.
Расправата за Предлог-буџетот треба да продолжи по паузата, во 15:30 часот.
Ново на Сител
-

Мицкоски: Да бидеме генерацијата која ќе ја внесе државата во ЕУ, но нема компромиси за идентитетот, јазикот и културата
-

Лавров: Русија е подготвена за преговори за решавање на украинското прашање
-

Мицкоски: Верувајте во нашата татковина, покажавме дека можеме да победуваме
-

Повреден 48-годишник при пукање во Арачиново
-

Приведен 48-годишник кој барал пари две години за да не објави интимни фотографии
-

Повозрасна жена нападнала малолетно девојче во Кисела Вода
-

Македонските одбојкари пред полни трибини на отворањето на ЕП во Софија
-

Сиљановска Давкова: 8 Септември трајна обврска за секоја генерација да ја направи подобра државата
