Последен ден расправа за ребалансот на Буџетот
Собранието на Република Македонија денеска треба да ја заврши расправата и да се изјасни за ребалансот на Буџетот.

Ова е последен од петте предвидени денови според Деловникот за расправа за дополнетиот предлог на изменувањето и дополнувањето на Буџетот за 2017.
Владејачкото мнозинство и опозицијата се со различни ставови за кратењето на средствата.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се категорични дека со ребалансот се кратат капиталните инвестиции, се намалуваат парите за образование, здравство, полиција и армија и забрзано се вработуваат партиски кадри. Со ова не се согласуваат од СДСМ, за кои единствено се кратат нереалните трошења.
Министерот за финансии Драган Тевдовски, образложувајќи го ребалансот на Буџетот, рече дека основната цел е намалување на непродуктивните трошоци и обезбедување простор за мерки кои ќе значат зајакнување на социјалната кохезија меѓу граѓаните и поддршка на домашните претпријатија.
Ребалансот се темели на проекција на раст на БДП од 2,2 отсто, буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари, вкупните приходи се ревидирани за 1,5 отсто надолу, односно за 2,87 милијарди денари, а социјалните придонеси согласно остварувањето се очекува до крајот на годината да имаат благ пораст во однос на иницијално буџетираните. Расходите, пак, наменети за стоки и услуги се скратени за околу две милијарди денари во однос на иницијалната проекција со Буџетот, додека договорните услуги се намалени за дури 902 милиона денара.
Капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината.
Со ребалансот, патните трошоци на Владата и институциите се кратат за 122 милиона денари, а другите тековни расходи (репрезентации, економски промоции, рекламирања) за 257 милиони денари. Обезбедени се средства за субвенционирање на минималната плата која според проекциите треба да се зголеми на 12.000, за поддршка на малите и средните претпријатија, на домашни гринфилд инвестиции, на домашниот туризам, а има пари и за материјално обезбедување на стечајните работници.
Собраниската расправа за ребалансот на Буџетот почна на 1 август.
Ново на Сител
-

Koшта ги пофали реформите, но порача дека уставните измени се единствен начин за започнување на преговорите
-

Со законски измени ќе се бришат невработените, кои работат на црно
-

Тема на денот со Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи и потписник на Преспанскиот договор
-

Кошта во Скопје
-

Кошта доаѓа во Скопје
-

Средба Сиљановска-Пелегрини
-

Муртезани: Тврдам дека и во следниот извештај Македонија ќе биде прва земја од ЗБ по однос на спроведени реформи
-

Пендаровски потврди дека имало различни идеи за уставни измени со помош на меѓународната заедница
