Македонија
25. јуни 2020 - 11:51

Повторно меѓународен автобуски превоз, постепено враќање на патниците и на меѓуградските линии

Автобуските превозници повторно ги враќаат во функција меѓународните линии за превоз на патници што беа стопирани со рестриктивните мерки за спречување на вирусот КОВИД-19, а се очекува постепено враќање и на патниците на меѓуградските линии во внатрешниот сообраќај од кои дел беа исто така со забрана за движење, а и останатите се користеа многу малку.  Засега фнкционираат 30 проценти од меѓуградските линии.

Од Автобуската станица во Скопје преку која транзитираат автобусите на меѓународниот линиски превоз веќе имаат најава од превозниците од Србија за враќање на линиите со нормална фрекфенција и оти очекуваат тоа да го направат превозниците и на линиите во други држави.

-Автобуската станица работи постојано од почетокот на пандемијата и кога имаше минимални поаѓања на ден. И за оваа промена со повторно враќање на меѓународните линии сме апсолутно подготвени. Останува оној другиот дел за динамиката да ни ја најават самите превозници кои ги одржуваат меѓународните линии согласно нивните дозволи бидејќи претпоставувам дека и самите превзоници ќе ја организират динамиката согласно состојбите на границите и одредбите за влез во домицилните држави во кои завршува тој превоз, вели за МИА Масер Омерагиќ, сопственик на компанијата Руле Турс, концесонер на скопската автобуска станица.

Превозниците од Србија најавија дека од утре се враќаат со нормална фреквенција на опслужување на меѓународните линии со нашата држава. Се очекува тоа да го направат и превозниците кои одат за Бугарија и за Албанија, како и за Австрија и Швајцарија, а за другите држави превозниците  чекаат официјална информација кои се условите за влез во тие држави.

При превозот на патниците  во автобускиот превоз се задолжителни пропишаните мерки за заштита во услови на пандемијата со КОВИД.  Мора да има средства за дезинфекција  пред влез во автобус, а секој патник да биде со маска при патувањето. Во тек на вонредната состојба  со Уредба беше дефинирано да се превезува само со 50 проценти од капацитетите, односно двојно помалку, а како што вели Омерагиќ, во текот на денов очекуваат прецизирање на уредбата  по тој основ.

Како што вели Омерагиќ,  КОВИД кризата го погоди овој сектор и во одредени период и со 100 проценти намален обем на работа  на линиите  во внатрешниот превоз со ограничувањата при воведувањето на карантините, но и останатите препораки.

Вкупно на сите линии сега се работи со 25 до 30 проценти од капацитет во однос на бројот на патници и линии од истиот период од минатата година.

-Народот полека ќе се ослободува за патување. Во одреден периоди од кризата имаше само четири поаѓања од Меѓуградската автобуска Скопје кон  четири градови, додека останатите не функционираа подолго време како што е на пример линијата со Тетово која не беше во функција три месеци, вели Омерагиќ.

Од Асоцијацијата на превозници „Исток“ велат дека поради состојбата со пандемијата и рестрикциите засега се активни 30 проценти од постоечките линии.

-Со оглед на Мерките на Владата за најмногу 50 проценти исполнетост на возилата, како и поради целокупната ситуација, превозниците само делумно ги имаат активирано меѓуопштинските линии.
Моментно сообраќаат најмногу 30  проценти од постоечките линии и тоа со многу мал број на патници, изјавија за МИА од Асоцијацијата „Исток“.

Во изминатиов период, како што наведуваат, превозниците се соочиле со огромни загуби, трпат загуби по основ на регистрација на возила,  возилата кои се користеа за меѓуопштински и меѓународен  линиски превоз во моментов не се експлоатираат, а за нив течат полиси за осигурување, истовремено се амортизираат и уништуваат возилата.  Веќе постоечките долгови за резервни делови и останати режиски , тековни трошоци превозниците исто така неможат  да ги покријат. Договорниот превоз исто така трпи загуби поради Уредбата за најмногу 50проценти исполнетост на возилата. Во повеќе наврати се побарани субвенции од Владата со предлог мерки, меѓутоа до денес нема никаков одговор за овој проблем, велат од Асоцијацијата на превозници „Исток“.

Контролите на Државниот инспекторат за транспорт за периодот од 10 до 16 месецов покажаа дека меѓуопштинскиот сообраќај се уште е намален за околу 90 процети, а тој транспорт што се реализира, генерално е со почитување на владините уредби, одлуки и протоколи.

Од направените контроли на автобуските станици во неколку градови низ државата е утврдено дека се почитува владината одлука за 50 проценти намален капацитет, односно за преполовен број на патници.

Транспортниот инспекторат забележал 13 прекршувања на уредбите и протоколите, од кои три кај посебниот меѓуопштински линиски превоз  за вработени во правни лица во Општина Штип и уште по едно прекршување кај на превоз со таква намена за правни лица во Кавадарци и во Скопје.  Осум прекршувања се однесувале на превоз без дозвола за меѓународен линиски превоз.

Ново на Сител