Македонија
23. March 2016 - 16:20

Повторно одложена седницата на Советот на јавни обвинители

Советот на јавните обвинители на Република Македонија денеска ја одложи седницата на која требаше да се разгледува Извештајот за шестмесечното работење на Специјалното јавно обвинителство, поради неприсуство на специјалната обвинителка Катица Јанева.

- Денешната седница е повторно одложена за во понеделник во 11:00 часот, бидејќи по отворената дискусија меѓу членовите на Советот заклучивме дека е нужно да дојде и да присуствува специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева заради разјаснување на некои работи кои ни се нејасни, изјави претседателот на Советот за јавни обвинители, Петар Аневски.

Тој смета дека Јанева мора да дојде на седница и, како што рече денеска ќе и достават писмена покана.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вчера изјави дека нема да го презентира Извештајот ниту пред Советот, ниту пред Собранието на Република Македонија.